Кукан во интервју за МИА: Направивте се што побара ЕУ, треба да добиете датум во октомври

Вие направивте се што ЕУ побара од вас и може да имате позитивни очекувања за датум во октомври. Лично сметам дека Северна Македонија ќе добие датум за почнување на пристапните преговори. Чекавте на овој момент предолго, истакнува во интервју за МИА, Едуард Кукан, кој во јули годинава по 10 години поминати во Европскиот парламент ја напушти европратеничката функција.

-Мислам дека ова е најважното прашање на кое одговор очекуваат не само граѓаните овде во Северна Македонија, туку и многу други политичари низ Европа. Веќе не сум член на ЕП и затоа можам многу поотворено да зборувам. Чекавте на овој момент предолго, апсолутно е неверојатно да бидете земја – кандидат 12-13 години и дури сега да добиете датум. Но, да не се враќаме назад во историјата. Вие исто така, имавте некои проблеми. Да заклучам, сметам дека вие направивте се што ЕУ побара од вас, со цел да добиете датум за преговори, вели Кукан за МИА.

Тој е оптимист, но сепак, како што посочува, гледано од неговото животно искуство, ќе поверува во тоа само кога ќе се случи. Тој во интервјуто за МИА говори и за политиката на Франција во однос на проширувањето,  за законот за ЈО, за „Рекет“, борбата против корупцијата, за Брегзит, но и за неговите планови да напише мемоари, во кои вели секако свое место ќе има и Северна Македонија.

Г. Кукан, вие одлично ги познавате евроинтеграцискиот процес и статусот на реформската агенда во земјава. Како ги оценувате изгледите РСМ на октомврискиот самит на Европскиот совет да добие датум за старт на пристапните преговори?

– Мислам дека ова е најважното прашање. Веќе не сум член на ЕП и затоа можам многу поотворено да зборувам. Сметам дека вие може да имате позитивни очекувања за датум во октомври. Лично сметам дека Северна Македонија ќе добие датум за почнување на пристапните преговори. Вие чекавте на овој момент предолго, апсолутно е неверојатно да бидете земја кандидат 12-13 години и дури сега да добиете датум. Но, да не се враќаме назад во историјата. Вие исто така имавте некои проблеми. Да заклучам, сметам дека вие направивте сè што ЕУ побара од вас, со цел да добиете датум за преговори. Тоа беше кажано од многу политичари кои ја посетија вашата земја, меѓу кои и од Доналд Туск, како и многу други важни шефови на влади кои рекоа дека СМ заслужува датум. Гледано од моето животно искуство можам да кажам дека да, јас сум оптимист, но ќе поверувам во тоа само кога тоа ќе се случи. Затоа да почекаме да видиме. Но, СМ го заслужи датумот поради развојот на настаните на внатрешен план и сите работи што ги направивте што беа неопходни за да добиете датум. Верувам дека денот кога ќе добиете информации од Брисел ќе славите.

Во делот на реформите што се однесуваат на владеење на правото и борбата против корупцијата колку е важно да се усвои законот за јавно обвинителство, со кој се решава и идниот статус на СЈО, пред да заседава Европскиот совет на средината од октомври?

– Прашањето на борбата против корупцијата и СЈО се многу важни прашања што ЕУ и ЕК ги следат со особено внимание. Знам дека постојат проблеми, но ќе биде подобро за вас ако што поскоро го донесете законот и сите учесници во процесот треба да направат сè што треба за тоа да се случи пред 16 октомври, кога ќе заседава Европскиот совет. Знам дека вашите политичари се вклучени и заинтересирани за ова и дека ова не се лесни прашања, но имајќи ја предвид ситуацијата во земјата и нејзината амбиција да го добие датумот за старт на преговорите, сметам дека сите треба да бидат свесни за факторот време, затоа што тајмингот е многу важен.

Вашата посета на Скопје е поврзана со претстојната Трета пленарна сесија на Националната конвенција за ЕУ во РСМ, која е поддржана и од SlovakAid (словачка поддршка за развој што ја координира словачкото Министерство за надворешни и европски прашања). Фокусот на сесијата е борбата против корупцијата. Што треба нашата земја да направи за да испорача резултати во оваа клучна област и кој е вашиот став за случајот „Рекет“ (корупциски скандал од висок профил)?

– Станува збор за многу важни прашања. Националната конвенција е добар форум за дебата за овие прашања. Словачка располага со позитивна експертиза и искуство во оваа област и среќни сме што може да ви помогнеме за справување со нив. Корупцијата е уште една тема што многу внимателно се следи од ЕУ и ЕК и земјите се оценуваат не само според тоа колку е добро усвоеното законодавство, туку според решени конкретни случаи на корупција. Тоа ни треба, конкретни резултати, а не теоретски дебати. За случајот „Рекет“ сите ваши политичари велат дека е многу важно да се реши брзо и на вистински објективен начин, но и тука повторно ЕУ очекува да види конкретни резултати, а политичката одговорност за тоа е на вашите лидери.

Франција, една од водечките земји во ЕУ, инсистира на реформи во ЕУ пред проширување на Унијата. Дали е можно ваквиот став да ја прејудицира и одлуката за почнување на преговорите на ЕУ со РСМ?

– Не мислам така и се надевам дека тоа нема да се случи. Не се согласувам со претседателот Макрон дека прво треба да ја реформираме Унијата однатре, а потоа да продолжиме со проширувањето. Ова е погрешно. Колку ќе треба за да се реформира ЕУ – две, три, пет, 10 години? Тоа значи вие ќе треба да чекате сето тоа време. Не сметам дека ова е добро обмислено од францускиот претседател, кој сака да воведе реформи, но кои понекогаш се чинат романтични и нереални. Но, да бидам фер кон него, забележав дека во неговите последни изјави тој ги омекнува своите строги ставови за реформи пред проширување. Тоа не би било фер кон вас кои завршивте толку многу работа, а сега одеднаш да се каже – ќе ве ставиме настрана за да се занимаваме со наши прашања. Многу луѓе, исто така, не го делат францускиот пристап и сметам дека тој нема цврсто да се држи за таквиот став. И би било срамота ако се усвои реформската агенда, а проширувањето се одложи. Не сметам дека оваа француска агенда ќе биде прифатена од другите земји членки. Иако за одлуки во ЕУ е потребен консензус, се надевам дека Франција ќе ја смени својата позиција, а знам и дека многу ваши политичари се обидоа на нивните француски колеги да им објаснат и да ги убедат колку е важно проширувањето не само за вашата земја туку и за целата ЕУ. Ако ние не го направиме тоа, ние ќе го изгубиме нашиот кредибилет, и веќе почнавме да го губиме, бидејќи ние побаравме од вас резултати, вие испорачавте, и кога дојде редот на нас, се повлекуваме. Не смееме да си играме со ваквата политичка одговорност на ЕУ.

Брегзит и прашањето дали тој ќе се случи со или без договор меѓу Брисел и Лондон ги бранува состојбите во ЕУ. Каков е вашиот став за брегзит?

– Убеден сум дека брегзит е лош за сите. Како прво најголема штета ќе им нанесе на народот на Обединетото Кралство и немам никакви сомневања за ова. Но исто така ќе нè повреди и нас во ЕУ. Велика Британија одвојуваше многу пари за буџетот на ЕУ и ние некако ќе треба да ја пополниме оваа празнина. Начинот на кој британската Влада се однесува е страшен, прво Меј, а сега и Борис Џонсон. Ова не е шоу, ние не гледаме циркуска претстава, туку се соочуваме со многу сериозно европско прашање. Според мене, Борис Џонсон понекогаш се однесува многу неодговорно. Очекувам дека брегзит ќе се случи на зацртаниот датум на крајот од октомври без договор што не е оптимистично, но е реално гледање. Не верувам дека можеме да постигнеме договор со вака неодговорен партнер од другата страна. Според мое мислење, ние бевме многу трпеливи со нив, многу отворени, понудивме многу работи, но тие во нивниот парламент отфрлија сè, а усвоија работи што не ги сакаат. Ние не знаеме што сакаат тие, а тие не можат да се договорат со нас за важни работи. Затоа сум скептичен. Некои луѓе велат дека е можен нов референдум, но јас не верувам во тоа. Брегзит е завршена одлука. Жалам за таквата одлука, но тоа беше нивен избор. Сите ние ќе ги трпиме последиците од ваквиот погрешен избор, кој не верувам дека може да биде променет.

Како брегзит ќе се одрази на односите меѓу Брисел и Западен Балкан и особено Северна Македонија?

– Не верувам дека ќе има некакви директни последици по Западен Балкан. Се разбира, сега е тешко да се предвиди што навистина ќе се случи, затоа што тоа ќе почне да се одвива од 1 ноември. Ќе биде многу хаотично, ќе треба да се патува во Велика Британија со виза, работите ќе се сменат. Токму затоа тешко е да се предвиди какви промени ќе следуваат во односите со Западен Балкан, но знам дека луѓето се целосно свесни за одговорноста на ЕУ кон регионот и не очекувам какви било штетни последици.

Вие имате многу успешна политичка кариера. Дали размислувате да напишете мемоари во кои би ги ставиле најинтересните моменти од вашето богато политичко и дипломатско искуство?

– Дефинитивно да. На 2 јули ја завршив мојата десетта година како член на Европскиот парламент. Сега се вратив назад во Братислава каде што ја започнав мојата педагошка дејност на Правниот факултет при Универзитетот „Комениус“, на што многу се радувам. Втората моја цел е да напишам книга за моето искуство во политиката и дипломатијата, во кои поминав многу години. Првпат ќе ви откријам дека планирам книгата, на која ѝ давам големо значење, да ја завршам за една година.

Дали Македонија ќе биде дел од оваа книга?

– Дефинитивно. Бев дел од тројката-членови на Европскиот парламент што решаваше проблеми кога доаѓавме во Македонија, се среќававме со претставниците на политичките партии во ходниците на Европскиот парламент. Средбите понекогаш траеја од осум навечер до шест часот наутро цело време, но тие беа успешни и доведоа до процесот Жан Моне. Овој процес имаше две рунди и сè уште е жив, не е напуштен, бидејќи сметаме дека може сè уште да им даде придонес на политичките партии во Парламентот. Затоа Северна Македонија ќе биде едно долго поглавје во мојата книга.

Кои се најубавите спомени што ќе ги понесете од Македонија?

– Секако тоа се личните односи со вашите политички лидери. Можам да кажам дека одржувам пријателски односи во Македонија со луѓе од повисоките ешалони од политиката, и тоа е она највредното што останува трајно со вас.

Значи можеме наскоро повторно да ве очекуваме во Македонија?

– Секако, бидејќи сега сум надвор од политиката, не сум член на ниедна политичка партија, но предавањето пред студенти е исто така многу важно, а и поканет сум на многу настани како говорник, во Брисел, Тирана… Се чини дека тоа што ме сметаат за експерт за Балканот е многу вредно за мене и луѓето едноставно нема да ми дозволат да заборавам на вашиот регион, кој многу ми се допаѓа. Така што дефинитивно ќе се видиме во Скопје. Се надевам дека ќе продолжам да одржувам блиски врски со вашата земја.

Имајќи предвид дека бевте сведок или учесник на некои од најважните историски настани за Словачката Република како што е членството во ЕУ и во НАТО кое се случи во времето кога вие бевте шеф на дипломатијата се надевам дека книгата за која говорите ќе ја завршите и ќе ја промовирате и тука во Скопје.

One thought on “Кукан во интервју за МИА: Направивте се што побара ЕУ, треба да добиете датум во октомври

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *