Протест на МАН „На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсење и прогони“

Под мотото: „На новинарскиот збор одговорете со збор, а не со апсења и прогони!“ денеска пред Основното јавно обвинителство се одржа мирен протест, во организација на Македонската асоцијација на новинари (МАН), како реакција на обвинителниот акт за оддавање службена тајна во предистрага што го поднесе Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција против Александар Митовски од порталот Инфомакс.

Митовски, кому му беше поднесен обвинителен акт за оддавање службена тајна по објавување на дел од записник од исказот на бизнисменот Орце Камчев во случајот „Рекет“ изјави дека обвинението е директен притисок врз слободата на медиумите и, како што вели, е наменет за заплашување на новинарите.

-Мора да се каже еднаш, мораме да застанеме сите заедно како колеги и да кажеме доста е со овие притисоци, изјави Митовски, дополнувајќи дека се надева оти апелите за медиумските слободи на сите колеги од изминатите денови ќе стасаат до обвинителот Љубомир Јовевски, премиерот Зоран Заев и до сите надлежни институции.

Според претставничката на МАН Ивона Талевска, последниот чин од Јавното обвинителство покажува дека медиумската слобода во држвава е загрозена.

– Се водат над 60 предистраги, истраги, закани за испрашувања, обвиненија, како и процеси против медиуми коишто не се блиски на актуелната владејачка структура. Тој прогон го правеше и СЈО, а сега го прави и Јавното обвинителство. Европскиот просек е 23 отсто закана од правосудни истанци, во Република Македонија просекот против слободата на медиумите е 52 отсто. Ние заедно со Турција ги сочинуваме 70. проценти во регионот на ЈИЕ. Ова мора да запре, рече Талевска.

Учесниците на протестот по собирот пред Обвинителството се упатија пред Основниот суд, каде исто така искажаа незадоволството од правното гонење на новинарите.

Со поднесеното обвинение,  обвинетиот се товари дека на 23 август, преку интернет порталот www.infomax.mk на јавноста им ги сторил достапни податоците што претставуваат службена тајна.

Основното јавно обвинителство денеска во појаснување на поднесениот обвинителен предлог наведе дека кривичното дело – Оддавање службена тајна од член 360 став 1 од Кривичниот законик го сторува тој што на јавноста или на неповикано лице ќе соопшти, предаде или на друг начин ќе му ги стори достапни податоците кои претставуваат службена тајна или прибавува такви податоци со намера да ги соопшти или предаде на јавноста или на неповикано лице. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *