Талат Џафери во посета на Казахстан

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, придружуван од пратеникот Енес Ибрахим, денеска и утре престојува во официјална посета на Казахстан, на покана од Нурлан Нигматулин, претседател на Мажилисот (Долниот дом) на казахстанскиот Парламент.

На средбата со домаќинот Нигматулин, како што соопшти Кабинетот на Џафери, присуствувале и претседателот на Комисијата за меѓународни односи, одбрана и безбедност на Мажилисот Мухрар Ерман, претседателот на Групата за меѓупарламентарна соработка „Казахстан – Северна Македонија“ Дархан Минбај, претставници на трите политички партии застапени во Межилисот: Бахиджан Јертаев од Народната демократска партија „Нур Отан“, Азат Перуашев од Демократската партија на Казахстан „Ак Жол“ и Ајкан Конуров од Народни комунисти, како и заменик министерот за надворешни работи Роман Василенко.

Нигматулин изразил задоволство од реализирањето на првата официјална посета на еден претседател на Собранието на Република Северна Македонија на Казахстан и оценил дека меѓу двете земји е воспоставена добра билатерална соработка, со бројни можности за натамошно проширување и продлабочување.

Нагласувајќи дека Северна Македонија е значаен партнер на Казахстан, Нигматулин се заложил за унапредување на економските односи преку нови форми на соработка, со цел зголемување на меѓусебната трговска размена. Тој ги повикал претприемачите и инвеститорите од Северна Македонија да се вклучат на пазарот на Казахстан, со оглед на погодностите што тој ги нуди, пред сè во високата технологија и преработувачката индустрија за земјоделски производи. Истовремено, тој дал поддршка на реформските процеси во Република Северна Македонија.

Нигматулин информирал за активностите на тековниот, шести по ред парламентарен состав на Мажилисот, при што истакнал дека Парламентот на Казахстан ги засилува своите меѓународни позиции, за што е доказ и Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија на тема: „Голема Евроазија: Дијалог. Доверба. Партнерство“, што се одржа на 23 и 24 септември во Нур-Султан.

Џафери упатил честитки за успешната организација на Четвртиот состанок на претседателите на парламентите на земјите од Евроазија, истакнувајќи дека тој посветува големо внимание на парламентарната дипломатија, како средство за продлабочување на парламентарниот дијалог и интензивирање на контактите меѓу парламентарците од различни земји. Тој нагласил дека ставовите на Северна Македонија и Казахстан во врска со клучните прашања на меѓународната агенда се многу блиски, а нашата земја ги поддржува иницијативите на Казахстан во меѓународните организации, особено во рамките на ОН и ОБСЕ.

Трите билатерални договори во областа на оданочувањето, заштитата од фискална евазија и поттикнувањето на инвестициите, според Џафери се основа за економската соработка меѓу двете земји, која би требало и понатаму да се продлабочува, а технолошко – индустриските зони во Северна Македонија би можеле да се позиционираат како мост за економска соработка на Казахстан со пазарите на Југоисточна Европа и пошироко. Од големо значење за меѓусебната соработка се и трите договори од правната сфера, што беа потпишани во август годинава.

Џафери информирал за активностите на Собранието на Република Северна Македонија, нагласувајќи дека во него активно учество имаат сите политички сили, преку интензивен и транспарентен политички дијалог. Исто така, Собранието активно учествува на парламентарните регионални и меѓународни настани. Тој се заложил и за забрзување на активностите за укинување на визите за граѓаните од двете земји, со цел унапредување на меѓусебните контакти, економската соработка и туризмот.

Се осврнал и на евроинтеграциските процеси на Република Северна Македонија, очекуваното заокружување на интеграцијата во НАТО и добивањето датум за почеток на преговорите со ЕУ, нагласувајќи дека земјата е подготвена да ги совлада сите предизвици кои ги носат пристапните преговори со Европската унија, како и членството во НАТО.

На средбата, претседателите се согласиле дека постои простор за натамошно унапредување на соработката меѓу парламентите на двеет земји, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво, во рамките на меѓународните парламентарни собранија.

Во текот на денот, официјалната делегација од Собранието на Република Северна Македонија имаше и работен ручек со Групата за меѓупарламентарна соработка „Казахстан – Северна Македонија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *