Јанева ќе даде исказ за „Рекет“ откако ќе изврши увид во доказите

 Поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која денеска  беше на распит во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, не дала исказ за „Рекет“. Јанева пред обвинителите кажала дека ќе даде исказ за овој случај откако лично ќе изврши увид во доказите.

Нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска изјави дека Јанева, која денеска е повикана во обвинителството како третоосомничена, ќе го искористи правото да изврши увид во доказите па потоа ќе даде исказ. Најави дека увидот во доказите ќе биде извршен в четврток.
Фршкоска рече дека известувањето денеска не им било дадено решението за  завршена истрага и дека тоа ќе им биде доставено утре.
– Сметам дека е прекршено правото со тоа што не и е овозможено да даде исказ пред завршување на истрагата, истакна Фрчкоска.
За здравствената состојба и дали т.н. црн фонд во СЈО е за да биде платен нивниот ангажман, адвокатката посочи дека денеска немале можност да разговараат со Јанева.
Прашана дали истрагата е завршена и за Меѓинародниот сојуз, Фрчкоска рече дека според нејзино мислење Катица Јанева не е под истрага за Меѓународниот сојуз и таа се однесува само за Империја, но сепак тоа ќе го знаат откако ќе го добијат решението за завршена истрага.
Распитот на Катица Јанева пред обвинителката Вилма Рускоска траеше помалку од еден час, по што повторно е вратена во КПУ Затвор Скопје каде што издржува мерка притвор.
Ова беше втор исказ на Јанева пред ЈО за „Рекет“, откако на 20 август годинава таа беше сослушана во својство на сведок, за следниот ден да биде приведена од нејзиниот дом во Скопје, а Јавното обвинителство за огранизиран криминал и корупција да информира дека ја проширува истрагата за случајот и за Јанева како третоосмничена да побара 30 дневен притвор.

Во обвинителството вчера на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет“ Бојан Јовановски. Тој беше во обвинитеството еден час, но не дал исказ пред обвинителите.

По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет“ и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.

Од обвинителството укажаа на тоа дека давањето на исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава,  против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се пришири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.