Јовески бара партиите да не се мешаат во јавно-обвинителската работа

Државениот јавен обвинител Љубомир Јовески денеска соопшти дека за трагичниот настан, во кој животот го загуби четиригодишниот Алмир Алиу, се постапува неселективно, непристрасно, професионално и врз основа на законот и апелира до политичките партии да не вршат притисок и да не се мешаат во вршењето на јавно-обвинителската работа, како што наведува дека е случај деновиве.

– Обвинителите својата работа ја вршат и одлуките ги носат и ќе ги носат исклучиво врз основа на одредбите од законот и изведените докази. Со моето доаѓање на функцијата Јавен обвинител на Република Македонија ветив дека одлуките нема да се носат врз основа на желби на партиските штабови или центри на моќ. Професионализацијата и враќањето на довербата во Обвинителството ми се основни принципи при вршењето на оваа одговорна функција, наведува Јовески во соопштение.

Додава дека политичките партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, без разлика на етничка припадност, се заложиле оти  ќе ги тргнат рацете од Обвинителството, ќе ја почитуваат неговата самостојност и дека се залагаат за вистински реформи во правосудниот систем. Затоа, посочува Јовески, барам, и во случајот кој деновиве ја бранува јавноста, да постапуваат согласно нивните јавно искажани и декларирани принцип.

Апелира при коментирањето и оценките за овој кривично-правен настан, да се земат предвид сите докази и факти од целиот настан. Само со целосна анализа на доказите се утврдува материјалната вистина и кривичната одговорност, укажува Јовески.

Политичките субјекти, посочува, доколку се сомневаат или имаат забелешки на мојата професионална работа можат да побараат мое разрешување.

– Додека ја вршам фукцијата Јавен обвинител на Република Македонија, сторителите ќе бидат третирани врз основа на фактите и стореното кривично дело, а не врз основа на етничка или партиска припадност, потенцира државниот јавен обвинител Љубомир Јовески