Шекеринска заедно со колегите од Вишеградската група, почесен гостин на „Деновите на НАТО“ во Чешка

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, денеска и утре е во работна посета на Чешката Република, каде што ќе се сретне со својот колега, министерот за одбрана, Лубомир Метнар. Шекеринска како почесен гостин ќе присуствува и на „Деновите на НАТО“ кои се организираат во Острава, каде ќе присуствуваат и министрите за одбрана на земјите од Вишеградската група – Чешка, Полска, Словачка и Унгарија.

На средбата со министерот Метнар, ќе стане збор за билатералната одбранбена соработка, интеграцијата на Северна Макеоднија во Европската Унија и процесот на пристапување во НАТО – Алијансата, како и можностите за соработка на полето на воената индустрија. Министерката Шекеринска ќе се заблагодари за успешно завршената ратификација на пристапниот протокол од страна на чешкиот Парламент, соопшти Министерството за одбрана.

Северна Македонија и Чешката Република во областа на одбраната соработуваат од 2000 година, кога беше потпишана и Спогодбата за соработка. Чешката Република во континуитет го поддржува членството на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ, а одбранбените односи се карактеризираат со чести средби на највисоко политичко и експертско ниво.