Слатинското езеро веќе пет години не постои на хидрографската карта на Македонија. Моменталната состојба на терен, со вегетација обраснатото дно на акумулацијата, запуштените придружни објекти не оставаат впечаток дека тука некогаш имало, уште помалку дека повторно тука ќе постои езеро.
Локалното население реагира, бара од надлежните институции да ги реализираат во многу наврати најавуваните активности за ревитализација на браната и повторно формирање акумулација на Мраморечка река и околните извори. Покрај основната функција на акумулацијата за наводнување на плодното обработливо земјиште, Слатинското езеро во неколкуте последни предизборни циклуси, како на локалните така и на парламентарните избори, беше користено за партиски маркетинг, со најави за негово искoристување и за развој на некаков рурален локален туризам. Дури беа споменувани и маркици за изградба на сместувачки објекти за туристи, рибиловци со пропратни туристички содржини покрај езерото кое го нема?
Акумулацијата изградена во 1963 година како ресурс за наводнување на атарот на неколку села во општина Дебрца својата агонија ја почна во февруари 2013 година, кога поради тогашните временски прилики и обилните врнежи од дожд се појавија пукнатини во земјениот насип што претставуваа реална опасност по интегритетот на самата брана. Нејзното попуштање во тој миг кога во акумулацијата имаше повеќе од милион метри кубни вода, ќе значеше целосно поплавување на населбата Слатински Чифлик, како и атарите на селата Слатино и Издеглавје.
Тогаш формираното Координативно тело за справување со опасноста од излевање на езерото, нареди евакуација на населението од загрозените делови на Слатински Чифлик. Со акција на екипи на специјализирана градежна компанија, заедно со нуркачки тим ангажиран од Дирекцијата за заштитата и спасување беа отворени дополнителни испусти на главната бетонска прeливница на акумулацијата, што резултираа со спуштање на нивото на водата во езерото за повеќе од 70 сантиметри и намалување на притисокот на водата врз оштетениот насип.
Неколку месеци подоцна, водата од акумулацијата беше целосно испуштена во Сатеска, а речиси празни останаа мрежите на тогашниот концесионер што стопанисуваше со тој рибиловен ревир, Спортско-риболовното друштво „Свети Апостол Павле“.
Според Радован Димитриевски, претседател на „Свети Апостол Павле“ биле ангажирани рибиловни екипи со цел да ја прифатат рибата од акумулацијата, но на нивно изненадување, од езерото биле извадени само околу тон ситна риба која потоа била пуштена во други риболовни ревири.
– Ангажиравме дополнителни 12 рибари од Радожда, поставивме поголеми мрежи сметајќи дека има многу риба во езерото. Влечевме и влакови, но со истекувањето на водата од езерото во Сатеска отиде и рибата, изјави Димитриевски.
Димитриевски отимист дека реализација на најавените планови за изградба на посовремена брана на Мраморечка река повторно ќе ја наполни акумулацијата на некогашното Слатинско езеро.
Преамбициозни и преоптимистички испаднаа ветувањата на локалната самоуправа на општина Дебрца од претходниот состав, која во неколку наврати најавуваше обновување на акумулацијата. Дури беа споменувани и конкретни рокови, дека браната ќе биде готова во текот на 2017 година, што своевремено во изјава за медиумите го најави и тогашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков.
Наспроти тажната слика на терен, надеж дека повторно во атарот на Слатинско поле ќе има езеро влева информацијата дека Слатино е една од четирите брани што се санираат во рамките на Програмата на Европската унија за санација на штетите од поплавите, имплементирана од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).
Увидот на терен спроведен од страна на стручни служби покажа дека поради големината на штетите настанати во минатото потребна е темелна реконструкција на телото и другите главни објекти на браната. Извештајот укажува дека самата брана е изведена на локација со неповолна геолошка структура, поради што проектот за санација предвидува мерки за намалување на инфилтрацијата на вода, како што се глинен чеп, геомембрана и инјектирање, согласност современите стандарди и инженеркса пракса.
За реализација на Проектот на УНДП вреден 773 илјади евра е задолжена фирмата „ГИМ“ од Скопје, со предвиден рок на реализација 15 јули оваа година.
Според последните информации од Канцеларијата на УНДП, во моментот изведувачот ги има заокружено подготвителните работи, а во тек е пробно инјектирање и други теренски работи. Оттаму уште предупредуваат дека поради комплицираноста на објектот и теренот, работите ќе се изведуваат внимателно, со цел обезбедување на што е можно подобар квалитет на објектот.
– Со изведбата на овие зафати ќе се подобри функционалноста на браната, нејзината стабилност и отпорност кон надворешните влијанија, како што се поплавите. Истовремено ќе биде развиен и модел на оптимизација на режимот на работа на акумулацијата со чија помош ќе се подобри нејзиното севкупно управување од страна на а.д. Водостопанство на РМ, изјави на МИА Димитрија Сековски, Раководител на Програмата на ЕУ за санација на штетите од поплавите.
Инаку, главниот доток на вода во Слатинското езеро доаѓа од Мраморечка река, за која во горниот тек е издадена и концесија за изградба на мала хидроцентрала, така што во секој случај тој воден тек заедно со Слатнско езеро претставува ресурс од особено значење за општина Дебрца.
Градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески, изјави дека со водениот ресурс стопанисува Водостопанство на РМ, дека не е надлежност на општината, но оти локалната самоуправа е повеќе од заинтересирана за реализација на проектот за возобновување на Слатинско езеро.
-Своевремено акумулацијата беше изградена за наводнување на Слатинско, Оздоленско и Дебарчко поле, тоа беше главната намена. Во помал дека се користеше и за спортски риболов, до испуштањето на водата. Сега таму нема езеро, дното е обраснато со врби и нискостеблести растенија. Веројатно ќе треба и дополнителни средства за расчистување на теренот после реконструкцијата на насипот, рече Ногачески.
Тој изрази уверување дека градежните активности околу санацијата на браната ќе биде завршена во текот на тековната година, како и дека после тоа постепено ќе се полни акумулацијата на некогашното Слатинско езеро.
– Слатинското езеро треба да си го добие изгледот како што беше во минатото. Тој воден ресурс може и треба да биде искористен за рурален туризам, како туристичка дестинација. Општината спроведува почетни активности за урбанистички развој на локалитетот, со вметнување некакви нови рекреативни содржини, што би биле интересни за потенцијалните посетители, од туристи до риболовци, рече Ногачески.