Наместо укинување на притворот на поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, која е осомничена во случајот „Рекет“, како што побара нејзината одбрана, Кривичниот суд вчера на предлог на Обвинителството и го продолжи за уште 30 дена. Од друга страна, пак, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески почна со делегирањето на предметите и враќањето на обвинителите на СЈО во судница.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска завчера до Судот поднесе барање за укинување на мерката притвор за поранешната специјална јавна обвинителка велејќи дека се отпаднати основите за определување мерка притвор со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија.
-Целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрешување од СЈО и од ОЈО Гевгелија, изјави Фрчковска за МИА.
Исто како и Јанева, која е во притвор од 21-ви август, Судот нови 30 дена притвор им определи и на Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец за случајот „Рекет“.
Но, и покрај тоа што првиот човек на СЈО е во притвор, продолжува судењето за предметите на СЈО пред Кривичниот суд.
Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески почна да ги враќа обвинителите на СЈО во судница. По негово овластувањето обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубески продолжија да го застапуваат предметот „Монструм“, а на обвинителката Ленче Ристоска и го делегираше предметот „Талир 2“.
Обвинителката Фатиме Фетаи вчера на влегување во Кривичниот суд каде се одржа ново рочиште за „Монструм“ кажа дека борбата за правда продолжува.
Со овластување на државниот јавен обвинител Јовески, обвинителката Ленче Ристоска ќе го застапува предметот на СЈО „Талир 2“ пред Кривичен суд.
Судење за „Талир 2“ е закажано за денеска. Претходното судско рочиште за овој предмет не беше одржано поради отсуство на адвокатите на обвинетите.
Во случајот „Талир 2“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на владата Кирил Божиновски, кои, според обвинението на СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице ДГ Бетон АД Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, иако правното лице во времето на обезбедување на услугата имало склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.
Обвинетите спротивно на законските прописи прибавиле значителна имотна корист за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во износ од 507.164.424 денари, односно 8.246.576 евра.