Министерот Димковски на увид во проектот „Јужновардарска долина“

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски денеска, на потегот меѓу Удово и Јосифово, ќе изврши увид во градежните работи на проектот „Наводнување на јужната долина на реката Вардар“.

Димковски ќе биде придружуван од градоначалникот на општина Валандово, Перо Костадинов.

Договорот за втората фаза од проектот беше потпишан на 11 март годинава од тогашниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, во присуство на премиерот Зоран Заев и вицепремиерот Кочо Анѓушев. Николовски тогаш најави дека почнува значајна капитална инвестиција за воведување модерни системи за водоснабдување во земјоделството во вредност од 24,3 милиони евра од кои дел се буџетски пари, а дел се кредит и грант од германската развојна банка KfW.

Сегашниот систем за наводнување во Валандовско опфаќа околу 1.600 хектари, но поради неговата дотраеност, земјоделците трпат загуби во производството. Од новиот систем се очекува драстично да ги намали трошоците за вода, да обезбеди навремено и квалитетно наводнување на над 2.000 хектари земјоделска површина. Ќе се зафаќа вода од Удово, од реката Вардар и понатаму, со главен цевковод од 8,9 километри, ќе се носи до препумпни станици. Притоа, ќе има дистрибутивна мрежа од 85 километри.

Реализацијата на втората фаза од проектот е предвидено да трае 21 месец, но можно е да заврши и порано со оглед дека се исполнети сите услови за инвестицијата, беше речено на потпишувањето во март.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *