Напредокот во клучните области од принципите на јавната администрација: стратешката рамка за реформа на јавната администрација, вклучувајќи ја и програмата за реформи во управувањето со јавни финансии, управувањето со човечки ресурси, развојот на политики и координација, испораката на услуги, како и за отчетноста и транспарентноста на јавните институции беа тема на деветтиот состанок на Специјалната група за реформа на јавната администрација (СГ РЈА) помеѓу Европската комисија и Северна Македонија.
Со состанокот, што се одржа вчера во Скопје, во рамки на Kомитетот за стабилизација и асоцијација, ко-претседаваа министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и Дејвид Кален од Генералниот директорат за добрососедски односи и проширување при Европската комисија.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, информираат од МИОА, се осврна на клучните резултати остварени во изминатиот период и ги потврди политичките заложби за продолжување со реформите. Истакна дека е од особена важност што состаноците на СГ РЈА беа повторно воспоставени во 2017 година, нагласувајќи дека зголемениот број на институции-учесници на состанокот од година во година, потврдуваат дека Владата на Северна Македонија сериозно ја зема предвид хоризонталната природа на процесот на реформи, не само во пресрет на започнување на пристапните преговори за членство во ЕУ, туку и поради обезбедување на подобри услуги за граѓаните и бизнисите.
Европската комисија нагласи дека реформата на јавна администрација останува една од клучните области во однос на евроинтеграцијата на Северна Македонија. ЕК ги поздрави заложбите на Владата за зајакнување на транспарентноста во реформите, вклучувајќи го и начинот на известување за имплементација на Стратегијата за РЈА 2018-2022.
Двете страни се обврзаа да продолжат да работат заедно за сите прашања кои се однесуваат на реформите во областа.
На состанокот покрај претставници од МИОА, учествуваа и Калинка Габер, државен секретар од Секретаријатот за европски прашања и ко-претседавач на Комитетот за стабилизација и асоцијација, претставници од Европска комисија, земјите членки на ЕУ, како и од СИГМА и РеСПА.
СГ РЈА беше формирана на седмиот состанок на Комитетот за стабилизација и асоцијација, кој се одржа на 3 и 4 јуни, 2010 година во Скопје.