Се одбележуваат 75 години од загинувањето на 19-те тетовски партизани

Во Тетово започнаa низа одбележувања со кои им се оддава почит на 19 партизани членови на Третиот тетовски одред кои се загинати на 19 септември 1944 година во мавровското село Беличица. Во Музејот на тетовскиот крај се одржа историски час и изложба на портретите на загинатите партизани.

-Пред 75 години борците од Третиот партизански тетовски одред лоцирани во Беличица беа убиени заедно со 17 деца, жени и стари од селото од страна на балистичко движење помагачи на италијанскиот фашистички окупатор. Одбележувањето на овие датуми претставува законска, цивилизациска, морална и човечка обврска за нашите сограѓани од сите националности кои се бореа и ги дадоа своите животи за денешните придoбвки за живот во мир и слобода, истакна на историскиот час Јовица Теофиловски.

Сојузот на борци од Тетово утре на денот на погибијата на партизаните ќе го посети спомен обележјето во Трница. Во петок е предвидено положување цвеќе пред бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски – Амбарче и Тодор Ципоски Мерџан. Во сабота 21 септември во црквата „Свети Никола“ ќе се одржи помен како и положување цвеќе пред спомен плочата на Младен Симовски-Требош и Андреја Христоски-Шварц, двајца од партизаните на тетовскиот одред, кои останале живи во битката кај Беличица, а биле убиени два дена подоцна на тоа место.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *