Две третини од универзитетските професори сакаат да ја напуштат земјава

Феноменот „одлив на мозоци“ зема се поголем замав изминатите две децении во земјава, која се соочува со своевиден интелектуален егзодус.

Причините се главно егзистенцијални, низок стандард, неможноста да се напредува во кариерата, неценење на знаењето, искуството, несоодветно вработување според образованието, потрага по подобри услови за работа, партизираност при вработување, целокупните неповолни општествени услови, меѓу кои и стабилноста и безбедноста.

Најдобрите кадри што се образувале во државава, надежта за подобар живот ја бараат надвор. Не се цени професијата и знаењето, a државата одвојува минимални средства за наука.

Најчесто заминуваат информатичари, електро и машински инженери, лекари, медицински сестри…

Во последно време се забележува тенденција на одлив и на мозоци и од општествените науки.

Две третини од професорите, односно 69 проценти од универзитетските професори би ја напуштиле земјата доколку им се даде понуда да заминат во странство, покажува истражувањето за студијата „Воспоставување на критериуми за квалитет во општествените науки во функција на спречување на одливот на мозоци од РМ“.

– Студијата, изработена од Институтот за стратешки истражувања и едукација, се однесува на одливот на мозоци во областа на општествените науки, и го урива пристапот што се фокусираше на спречување на одлив на мозоци во природните и медицинските науки. Резултатите укажуваат на тоа дека се јавува еден голем потенцијал за миграција во општествените науки и тоа кај категоријата на највисокобразовани кадри, вели Мишо Докмановиќ професор на Правниот факултет и автор на студијата.

Предмет на анкетата, спроведена во септември годинава, се универзитетски професори, асистенти и истражувачи, а резултатите се поразителни.

Според Докмановиќ, 69 проценти би ја разгледале можноста да ја напуштат Македонија, доколку им биде дадена понуда да одат во странство, а над 20 отсто веќе имаат преземено конкретни активности за напуштање на земјава.

Прашалникот со анкетата беше испратен на 347 поединци од кои 81, односно 23,34 отсто, одговориле на поставените прашања.

Во поглед на занимањето, 73,5 отсто од испитаниците се универзитетски професори и асистенти, а 22,5 проценти се истражувачи. Во поглед на старосната структура, најголемиот дел од испитаниците се на возраст од 31 до 45 години (58,02 отсто од испитаниците), по што следеа испитаниците на возраст од 45 до 60 години (29,63 отсто).

– Државата десетици години инвестирала финансиски средства во образование, истражување, плати на најобразованите, а сега за 200-300 евра повеќе или помалку плата се доведува во ситуација да ги загуби, вели Докмановиќ, додавајќи оти најголем дел од нив би ја напуштиле земјата поради подобар животен стил, а тоа подразбира подобра плата, односно егзистенцијалниот момент е пресуден.

Според него, подолг временски период како резултат на политиките на претходната влада универзитетите се целосно истрошени во финансиска смисла.

Дарко Спасевски професор од Правниот факултет, вели дека мотивите академскиот кадар да заминува во странство се повеќенасочни, од една страна условите за работа на универзитетите а од друга страна и личните предизвици за работа на поврвни универзитети.

– Нашиот факултет после долго време доби четири согласности за вработување на асистенти. Досегашен голем проблем беше отсуството на системска политика и се надеваме дека ќе има можности за нови вработувања. Асистентите досега претежно работеа како волонтери, а во основа тоа не беа ни асистенти, вели Спасевски.

Истражувањето покажува дека академскиот кадар најчесто заминува во европските земји, а потоа следуваат САД.

Александар Николов од Асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“ вели дека во земјава постои национална стратегија за ова прашање што го покрива периодот 2013-2020, меѓутоа сликата покажува дека не ги исполнува целите заради кои што е донесен овој стратешки документ.

– Оттука е битно граѓанскиот сектор да се вклучи со истражување на оваа тема и со давање предлози до државните органи и до високообразовните институции што е она што треба да се смени во нашиот амбиент за да се намали бројот на случаи каде што високообразовните кадри не гледаат перспектива во земјава и мора да заминат надвор од земјата каде се реализираат успешно во својата кариера, оценува Николов.

Истакнува дека ова истражување покажува дека се потребни измени и во националната стратегија за спречување одлив на високообразовни кадри, пред се во насока на подобрување на истражувачката работа на младите високообразовни кадри и во зголемување на нивните примања.

Студијата предлага и мерки за подобрување на условите во кои ја вршат својата истражувачка работа, пред се пристапот до истражувачките ресурси и можноста да добијат поддршка да им се публикуваат нивните трудови во познати светски регионални журнали.

– Ваквиот документ е една добра иницијатива која би требало и Mинистерството за образование и наука да ја прифати да пристапи кон ревидирање на релевантните законски акти, смета Николов.

Истражувањето на Институтот, исто така, покажува дека над 40 отсто од испитаниците би прифатиле работа во странство и која не одговара на нивните квалификации.

Деканот на Филозофскиот факултет Ратко Дуев смета дека одливот на професори од општествените науки пред се се должи на ниските примања.

– Причините се главно егзистенцијални. Главен проблем на вработените во високото образование се ниските плати. За да се дојде до звање доктор на науки и професор потребни се големи средства. Моменталните плати не можат да обезбедат враќање на инвестицијата и понатамошно стручно усовршување, смета тој.

За него, генерално процесот на „brain drain“ е најпогубен за развојот на државата.

– Создавањето високообразовен кадар е долг и скап процес. Невозможно е брзо да се надополни загубата на висококвалификуваниот кадар. Со овој проблем се соочува целиот регион. Клучен е развојот на реалниот приватен сектор, кој не зависи од политичките прилики во државата, со чиј развој ќе се обезбеди пораст на животниот стандард, буџетот и пораст на платите, со што голем дел од младите би биле мотивирани да работат во својата земја, вели проф. д-р Дуев.

Посочува дека најважно е и владеењето на правото и политичката стабилност, за да се врати довербата на младите луѓе во системот и институциите – едноставно да добијат шанса за пристоен и мирен живот.

– Како пример во 1991 година Естонија и Македонија имале ист бруто домашен производ, а денес Естонија има десет пати поголем БДП од Македонија и Црна Гора заедно, оценува проф. д-р Дуев.

Има и позитивни примери на враќање на младите назад во земјава

Дека не е се така црно зборува и примерот со Љубен Коцев, млад човек, поранешен студент на Правниот факултет, кој иако се доусовршил на еден од западноевропските универзитети, одлучил да се врати и да работи на Економскиот факултет на УКИМ. Тој е еден од новите луѓе кои се вработени на факултетот на еден од последните конкурси, за асистенти и докторанти.

– Моето искуство беше такво што на моите студии имав желба да продолжам во научната средина, меѓутоа, во тој период не постоеја околности кои истото ми го дозволуваа и заминав надвор на доусовршување. Поминав еден период во Германија на студии, а при крајот на моите студии постоеше позитивна клима дека ќе се отворат можности за луѓе како мене да се вратат да продолжат тука да даваат свој придонес во развивање на идни висококвалитетни кадри, вели Коцев.

Според него, тоа бил еден од клучните услови да се врати во државава, и се надева дека овој тренд ќе продолжи  и во иднина, дека ќе се инвестира во младите луѓе ќе им се даде можност да продолжат да се развиваат во земјава.

– Доколку не добиев ваква понуда на УКИМ, сигурен сум дека ќе останев во странство, а таму за подобрите студенти секогаш има понуди, одреден период и работев во една адвокатска канцеларија, но имав поголема желба да се вратам и да бидам тука, да се доусовршувам во Македонија, вели Коцев.

Инвестирање во науката – една од препораките да се спречи оваа појава

Во Македонија е создаден потенцијал за миграција на високообразовани професионалци и во општествените науки. Тоа го урива досега присутниот стереотип во македонската јавност дека потенцијалот за мигрирање доминантно постои во областа на техничките и медицински науки.

Студијата на ИСИЕ нуди неколку препораки за клучните носители на политики, првенствено Министерството за образование и наука, универзитетите како и другите институции и организации.

Да се промовира вложувањето во научни истражувања и развој, како и да се преземат мерки за мотивирање на врвните научници на универзитетите и институциите, да се донесат документи и/или политики за спречување на „одливот на мозоци“ од универзитетите и да се преземат мерки за елиминирање на коруптивните практики при вработување вклучувајќи непотизам и политичка припадност, се дел од препораките.