Граничниот премин „Ќафасан“ доби нов царински терминал

На граничниот премин „Ќафасан“ на границата со Република Албанија,во употреба е пуштен новиот царински терминал кој ќе придонесе кон зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки и намалување на времето за гранични формалности. Официјално царинскиот терминал, на кој поминуваат 1,5 милион патници и 100 илјади камиони, го пуштија во употреба премиерот Зоран Заев, евроамбасадорот Самуил Жбогар, директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски, градоначалници, делегација од царината на Албанија, претставници на деловната заедница и бројни гости.

Станува збор за проект вреден 1,7 милиони евра реализиран со финансиска поддршка на ЕУ, од 60-те милиони евра предвидени како европска поддршка за македонската царинска управа.

Премиерот во обраќањето пред присутните гости на свеченоста истакна дека вложувањето во развој на инфраструктурата е еден од приоритетите на Владата, насочени кон поставување повисоки стандарди во сите јавни сфери во државата.

– Транспортниот сектор има мошне важна улога во прaктикувањето на четирите основни слободи што се суштината на ЕУ – слободно движење на стоки, услуги, капитал и луѓе, а за нивно практикување и промоција потребна е модерна инфраструктура. „Кафасан“ е еден од најфреквентните премини во земјата, а новиот терминал ќе придонесе за зголемување на пропусната моќ на преминот за стокови пратки, за намалување на времето потребно за вршење на граничните формалности и значително ќе ја подобри инфраструктурата за примена на современи средства за инспекција. Убедени сме дека со неговото ставање во функција ќе се забрза движењето на стоковиот сообраќај кој последните години бележи постојан раст од десет до 15 проценти годишно, рече премиерот Заев.

Премиерот Заев потенцира дека се работи и на имплементација на решението за заедничко управување на граничните и царинските контроли со едно застанување, за уште повеќе да се намали времето на чекање за превозниците со што ќе се намалат трошоците на економските оператори.

– Царината е првата институција со која се сретнуваме во една земја и таа ја дава првата слика за тоа како функцонира системот во државата. Нашата царинска управа е модерна институција која придонесува во креирањето подобра бизнис-клима и заштитата на интересите на државата. Нејзиното високо ниво на подготвеност за членство во ЕУ е нотирано во сите извештаи на Европската комисја за напредокот на Република Северна Македонија, истакна тој, нагласувајќи дека останува посветеноста да се работи на олеснување на трговијата и транспортот.

Евроамбасадорот Жбогар пред присутните истакна дека проектите како овој финансиран со средства на даночните обврзници на државите-членки на Унијата се насочени кон унапредување на подобро поврзување на луѓето и транспорт на стоки, како клучни определби во рамки на евроинтегративните процеси.

– Еден од приоритетите на Унијата е подоброто поврзување, како на поврзување на ЕУ со идните членки, така и на државите од регионот меѓусебно. „Ќафасан“ е стратешки граничен премин за Северна Македонија преку кој годишно минуваат над 1,5 милиони патници и повеќе од сто илјади камиони. Новите капацитети на терминалот ќе придонесе за подобрена стокова размена преку преминот, ќе обезбеди побрзи и поевтини царински процедури за економските оператори, но и подобрена контрола на стоките, рече Жбогар изразувајќи поддршка на предвидените активности на Владата за воспоставување заедничка царинска контрола и кон Република Албанија.

Директорот на Царинската управа Танасоски заблагодарувајќи се на помошта на ЕУ за новите капацитети, истакна дека подобрувањето на царинската структура во земјата секако ќе придонесе кон олеснување и забрзување на трговијата во земјата.

– Една од главните цели на Царинската управа е токму олеснувањето на трговијата, со цел заштита на финансиските интереси на општеството и економски развој. Нашата визија да бидеме водечка царинска управа во регионот ја остваруваме преку континуирана модернизација, развојот на човечките ресурси и ИТ капацитети, подобрување на условите за работа и обезбедување соодветна инфраструктура за одржување високи стандарди, рече Танасоски.

Новиот царински терминал за товарен сообраќај има максимален капацитет од 30 товарни возила, со зграда за царински постапки, објекти за преглед на товарни возила со капацитет за преглед на три товарни возила истовремено, влезно-излезен контролен пункт. Досега царинските процедури и формалности на преминот „Ќафасан“ се вршеа на самиот граничен премин што ја усложнуваше постапката.

 

One thought on “Граничниот премин „Ќафасан“ доби нов царински терминал

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *