Пехчевци во акција за почист град

Вработените во општинските јавни институции ја спроведоа акцијата „За почисто Пехчево”. Како што информираше Ванчо Бучевски од општина Пехчево, целта на акцијата е будење на заедничката грижа за чиста животна околина.
Голема благодарност до сите хумани граѓани кои учествуваа во денешната акција за почисто Пехчево. Со акцијата за чистење беа опфатени неколку туристички локалитети меѓу кои и туристичката населба Равна Река. Се чистеа дивите депонии, се поправаа летниковците, се собираше градежен шут, пластика, хартија и сето она што го нарушува изгледот на една од најпрепознатливите туристички места во Пехчево, истакна Бучевски.
Во акцијата учествуваше и градоначалникот Драган Тренчовски, кој апелираше на поголема свест во насока на зачувување на животната средина.
-Добро е што има вакви акции, но потребно е поголема свест да не се доведеме во ситуација сами да си го нарушуваме изгледот на околината во која живееме. Овдешната природа важи за една од најчистите и затоа не треба да дозволиме сликата за убаво Пехчево да биде нарушена. Апелирам на одговорно однесување во природа и фрлање на ѓубрето на места кои се назначени за таа намена, рече Тренчовски.
Во следниот период од општината најавија уште вакви екоакции. Акцијата освен во Пехчево се спроведе и во останатите општини од Источно-планскиот регион.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *