Една третина од вработените лица со физичка попреченост во источниот регион се соочуваат со дискриминација при вработувањето или на работните места, ако веќе се вработени. Неопходно е да се работи на подигање на јавната свест за да им се помогне на телесните инвалиди при остварувањето на нивните законски права, беше заклучено на денешната завршна конференција од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ што во изминатиот деветмесечен период го реализираше меѓуопштинското здружение „Мобилност“ од Кочани.
– Најчеста дискриминација кон нашите членови кои се веќе вработени е тоа што наместо да се на работните места, најчесто седат дома и од платата што ја примаат, задржуваат мал дел, а остатокот како готовина им го враќаат на работодавачите. Стравот дека ќе останат и без таквиот минимален приход, не им дозволува дискриминирањето да го пријават кај надлежните органи. Психолошкиот ефект дека без работен ангажман се бескорисни и претставуваат товар за семејството и за општеството, ги става во подредена состојба за која никој не говори јавно. Со чесни исклучоци, голем дел од компаниите го користат тоа и остваруваат екстра профит, со оглед што придонесите и другите трошоци ги плаќа државата, истакна Горан Војновски, претседател на здружението „Мобилност“.
На средбата со членовите на „Мобилност“ што ги опфаќа лицата со физичка попреченост од Кочани, Виница, Делчево и Берово, беше нагласено дека актуелните законски прописи за оваа проблематика се одлични и целосно се во согласност со прописите во ЕУ, но поголем дел од работодавачите наоѓаат можности за непочитување и злоупотреба. Затоа, се неопходни постојани и сериозни контроли за почитувањето и доследното спроведување на законските одредби.
Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“ финансиски беше поддржан од Националниот совет на инвалидски организации и Македонскиот институт за медиуми, а се реализираше во соработка со канцеларијата на Европската Унија и британскиот Институт за медиумска различност.