ПУСТИНСКИОТ ЖИВОТ – ДЕЛ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО

 

Евреите посветуваат големо внимание на животната средина. Таму, навистина екологијата ја негуваат и почитуваат од најмалите до најстарите и се води голема грижа за иднината на земјата

Израелците не градат фабрики во градовите. Индустриските преработувачки капацитети, претежно ги лоцираат на периферијата на приморските региони или, пак, најчесто на пределите на Јудејската Пустина и на пустината Негев. Со тоа настојуваат, нивните градови, а особено поголемите, да останат со чиста и здрава животна околина и да се одржи бистрината на тие мали количества вода, што не се доволни ниту за водоснабдување на населението ниту, пак, за наводнување. На тој начин уште повеќе ја искористуваат пустината.

Во последно време во пустинските предели сѐ почесто се врши преселба на плантажи со некои култури што се поотпорни на суша. Оттука и не е ништо необична глетката на протегнатите пластични црева од системот „капка по капка“ на поголемиот дел од песочните дини, каде што температурата достигнува и до над 50° Целзиусови.

Во последно време се изведуваат и нови посовремени активности со копање бунари во песочната почва. Во нив се собира водата од дождот која потоа се прочистува до бистра капка за наводнување на новоосвоените производни површини. Всушност, Евреите така се снабдувале со вода уште од најстарите времиња, зашто во Израел врнежите се многу ретки, тие изнесуваат одвај 100 милилитри на метар квадратен, а во пустинските предели ги име уште помалку.

kbda2

Синајски Бедуини

Единствената врнежлива сезона е од декември до февруари и затоа секоја капка дожд е скапоцена и таа мора да се искористи најрационално. А водата за Израел значи живот и не случајно Евреите велат дека имаат проблеми со две дупли „В“ (W), вода и војна.

Израел е карактеристичен и по бедуинските населби кои се распространети во сенките на издигнатите ритчести предели. Нивниот живот е организиран под импровизирани шаторски крила, но тоа е само местото за преноќување. Другиот дел, буквално, го минуваат под ведро небо, пасејќи стада кози и овци. Но, тие не се толку сиромашни колку што оставаат впечаток нивните населби, туку тоа е нивниот стил на живот уште од времето на Абрахам.

Често го менуваат своето место на живеење, а некои подолго време остануваат на едно место само ако имаат генератори за струја или, пак, доволно вода во ископаните бунари. Но, во последно време и тие се организираат и подигаат нови градови. Претежно се занимаваат со сточарство, со производство на волна, на месо, на кожа итн., а доволно заработуваат и од продажбата на сувенири и од организирањето на своевидни атракции со јавањето на камили. Во последно време се занимаваат и со производство на маслинки во пустински услови.

Со животот на Бедуините особено се запознавме на патот од Ерусалим до Мртвото Море. Така, колку повеќе се навлегува во пустината, во најсушниот и најтоплиот дел од државата, толку повеќе патот се спушта до местото каде е означено со нултата точка. На поставената табла овде е запишана голема нула. Надолу теренот се спушта кон просторот каде се наоѓа Мртвото Море.

Овој единствен феномен во светот се формирал во некогашните пукнатини под површината на Мртвото Море. Така, некогашната водена површина што се протегала одовде па сè до устието на реката Јордан и до Галилејското Езеро се загубила, или, пак, како што постојат тврдења се поделила на два дела. Северниот дел го опфаќа денешното Галилејско Езеро кое порано имало солена, а денес слатка вода и сегашното Мртво Море кое лежи во долниот дел на тектонската долина и кое има најсолена вода од сите солени мориња.

Оттука и не случајно денешната површина на Мртвото Море се наоѓа на најниската точка, дури на минус 410 метри под морската површина, која, поради природните (не)погоди и човечкиот фактор има постојано опаѓање, со тенденција на исчезнување. Затоа, израелските власти се заинтересирани преку подводни канали да донесат солена вода од Средоземното Море.

alhbl3

Дел од животот на Бедуините

Сината површина на Мртвото Море која е рамна како огледало, единствено ја разбрануваат капачите, кои, исто така, испружени на морската површина личат, како што често велат овде, на „солени риби од луѓе“. Тоа е единственото море каде што човек не може да се удави иако не знае да плива. Буквално, може мирно да се лежи на морската површина и дури да се чита весник. Но, во летните месеци не може многу да се остане во водата, зашто таа е многу топла и човек може лесно да добие несвестица.

Затоа, на секој дојденец му се препорачува дека не смее да остане повеќе од 15 минути во периодот на високите температури. На брегот, пак, се измачканите луѓе со кал од морето, која е доста лековита за псоријаза, за реума, за бронхитис и за други кожни болести.

Мртвото Море уште се нарекува и Бахр Лут, што значи „солено езеро“. Историски е познато под различни имиња, Античко Море, Мртво Море, Морето на Араба, Морето на Седам итн. Вкупната негова површина изнесува 1.050 километри квадратни, длабочината е од околу 400 метри, а неговото дно се наоѓа на минус 798 метри. Главна притока е реката Јордан, а во него се влева и реката Арнон. Југозападниот дел му припаѓа на Израел, а другиот на Јордан.

Во морето, концентрацијата на сол изнесува 30 проценти. Тоа е многу богато со минерали, чие присуство го прави единствено во светот по својата лековитост. Во пространите водни површини нема живот, а според стручњаците тоа е поради големата концентрација на сол и на разни минерали, со што најверојатно го добива и денешното име.

Годишно Израел го посетуваат повеќе од 2 милиона туристи, а за туристичката сезона нема одредени периоди, таа трае, речиси, преку целата година. Дури во 2000 година биле регистрирани околу 3 милиони туристи и посетители, вклучувајќи и голем број руски аџии. Денес, за жал, поради политичките состојби изостанува профитот од туризмот во Израел.

Продолжува

New Katin

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

4 thoughts on “ПУСТИНСКИОТ ЖИВОТ – ДЕЛ ОД СЕКОЈДНЕВИЕТО

  1. Wow, fantastic blog format! How long have you been running a blog for?
    you make blogging look easy. The overall glance of your site is fantastic, as neatly as
    the content material! You can see similar here najlepszy sklep

  2. Wow, marvelous blog layout! How long have you ever been blogging
    for? you make running a blog look easy. The overall glance of your site is
    excellent, as well as the content material!
    You can see similar here ecommerce

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *