ГОЛЕМИТЕ ПРЕСЕЛБИ НА БАЛКАНОТ ВО БРОНЗЕНО-ЖЕЛЕЗНИОТ ПЕРИОД

Според археолошките наоди, на преодот од бронзениот во железниот период (1200-800 година пред Христа), повторно настанала епохата на превривање и несигурности на Балканот, слична на енеолитот (Папаставро, 1972 г.; Гарашанин, 1988 г.; Гавела, 1988 г.). Во овој период повторно дошло до поголеми и помали раздвижувања на жителите.

Миграциите биле предизвикани со инфилтрација на нови сточарски групи од севернопонтинските области кон среден и долен Дунав (што може да се следи со културата на полињата со урни во Панонија), и до нови притисоци, селидби и последниот процес на прегрупирање, дезинтеграција и распаѓање на старите заедници.

До овој заклучок, уште порано, дошол Heurtley (1939 г.), кој врз основа на истражувањата на материјалната култура во Македонија, истакнува дека на крајот на микенската еволуција и почетокот на супгеометрискиот период, може да се констатира период на миграциски елемeнти на Балканот, поврзани со Медијана групата, од околината на Светозарево во Србија (1300-1000 година пред Христа), во правец на југ кон Морава, Вардар и Егеј. Во прашање бил еден од оние бранови на преселби кои придонеле за рушење на микенската цивилизација. По завршувањето на овој процес, сé до доаѓањето на Келтите и римското освојување на Балканот, немало поголеми археолошки промени.

Во овој период, на Балканскиот Полуостров се појавиле нови големи етнички групи. Во источните делови биле Тракијците, во јужните Дорците, а во западните Илирите. Иако засега не може да се утврди нивното потекло и областите од кои мигрирале (веројатно од реонот на курганската култура во евроазиските простори), нивните археолошки, историски и лингвистички траги се многу раширени. Во овој период, во источна Европа како доминантна етничка група се појавиле Скитите, а во западна Европа Келтите.

fel2

Досегашните истражувања на античките писатели за споменатите етноси утврдиле дека миграциските бранови на почвата на Балканот ги потиснале најпрво староседелците, а нивниот притисок во бранови со паника се почувствувал во цела континентална и микенска Елада, т.е. во Пелагија, во централен Балкан, егејските острови, Мала Азија, Сирија, Кипар и Египет. Овие преселби во историјата се означени како „народи од морето“, а нивното време како „мрачно историско време“.

Пелазгите кои живееле во Епир (Теспротија) ја напуштиле својата Додона со Зевсовиот храм и се доселиле во рамницата на реката Пенеј во Еолија (Αiολις, ajolis-светол, брзоног, подвижен), па оттогаш оваа област се нарекувала Тесалија, т.е. земја која ги присвоила. За оваа миграција Херодот (VII, 176) во своите дела каде што ја опишува Термопилската Клисура во врска со настаните во војната со Персијците, вели: „… во таа клисура порано бил изграден ѕид и на него била направена една капија. Ѕидот го изградиле Фокејците од страв од Тесалците, кога тие дошле од Теспротија и сакале да се населат во еолската земја каде и денес живеат. . .Стариот ѕид изграден пред многу, многу години и поголемиот негов дел бил уништен во текот на времето“.

Тесалските Ахејци (Мирмидоните), кои останале со новодојдените Пелазги од Теспротија, станале робови, додека другите побегнале. Еден дел отишол на соседниот остров Евбеја и во Мала Азија кај Троја, т.е. подоцна наречена Еолија, а другиот дел се населил на северниот дел на Пелопонез, кој оттогаш се нарекувал Ахаја (Папаставро, 1972 г.). Во Тесалиската Рамнина историчарите ги идентификувале следните региони, по доаѓањето на теспрочанските Пелазги-Тесалците. Централниот дел бил наречен Пелазгиотиди, со градовите Арг и Лариса.  Северозападниот дел се нарекувал Хистиотида. Јужниот дел Фтиотида, каде се наоѓале ахејските бегалци, по заземањето на земјата на Тесалците.

fel3

Следниот бран миграција бил во 1130 година пред Христа, а ги опфаќал Пелазгите од јужните делови на планините од пиндскиот масив, Војон и Грамос, меѓу Македонија и Епир, под името Беоти или Беоќани, според планината Војон. Тие ја зазеле Кадмовата земја, денешна Беотија, меѓу планините Хеликон и Китерон, на границата со Атика.

Крајбрежниот бран на други доселеници се спуштил по јонскиот дел на Јадранското Море, преку Акарнанија и Коринтскиот Залив во северозападниот дел на Пелопонез во Елида и Ахаја.

Од централниот балкански дел, Македонија и Тракија, Бригите и Битињаните, како и други народи, мигрирале во Мала Азија, каде подоцна повторно ја изградиле Троја. За овој настан Херодот (VII, 73) вели: ,,… Фриѓаните, по кажувањето на Македонците, имале име Бриги, а кога се преселиле во Азија, истовремено го смениле и родниот крај и името, и се нарекле Фриги.“

Понатаму во текстот Херодот (VII, 75) ја опишува генезата на Битињаните и истакнува: ,,… Тие, кога преминале во Азија, го добиле името Битињани, а порано, како што сами раскажувале,  се викале Стимоњани, зашто живееле на Стримон“. Понатаму вели: ,,… Арменците се потомци на Фригите“. Од Средно Подунавје, исто така, имало повеќе миграции. Тоа се пред сите Мизијците (Μυσσοιοi, од μυς, mis-глушец, кој бил свето животно и симбол на оваа популација). Мизијците живееле на просторите на денешна Србија, меѓу Дрина, Сава и Дунав. Останала нивната етнолошка ономастика во топонимите: рид и село Мишар и посавскиот крајбрежен дел на сремската страна.

Сите овие миграциски поместувања на Балканот довеле до уништување на важни државни и културни центри, не само на Балканот, туку и во Мала Азија (хетитската држава), во Сирија, Палестина, па сé до Египет. Овој бран на селидби на „народите од море“ бил запрен од египетскиот владетел-фараонот Рамзес III, во 1194-1190 година пред Христа, што е востановено од еден фараонски епиграм во храмот Мединет Хабу, за запирањето на Дануните (Подунавците), Пелешаните (Пелазгите), Фригите (Бригите) итн.(Childe, 1986 г.; Papastavrou, 1972 г., 4; и Macqueen, 1986 г., 157).

Со селидбата на новите етнички групи на Балканот и со поместување на старите, Полуостровот влегол во период на дифузија и преобразување на неговите жители. По „мрачниот историски период“ од неколку векови, дошло до ревитализација на општествените и економските односи, до развој на културата која ќе обезбеди создавање на нов европски дух на слободата и независноста.

Продолжува

Sh Donco   slave

Пишуваат: АКАДЕМИК А. ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ КАТИН 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *