Иселеничките средбо кои се одржуваат во Љубојно по 45 – ти пат се повод слични средби да се организираат и во другите долнопреспански села: Долно Дупени, Брајчино и Штрбово, како и во други села во Преспа, Подмочани, Болно и Пустец, и во Мала Преспа. И овие средби, главно, имаат иселенички карактер
Средбите ги организираат иселениците од дијаспората и месното население. А целта е да се вратат иселениците во своите родни огништа, да се видат со своите најблиски, да има повторни видувања со роднините и пријателите, да имаат пријатни мигови во родните огништа и сето тоа да остане незаборавно.
На иселеничките средби во Долна Преспа покрај другарувањата во родното село, кое со невидена сила ги привлекуваат иселените повторно да се вратат на дедовските корени, се паметат долгите ора накитени и со младо и старо и се вијат сред село, прекрасната атмосфера и моментот кога селото е живо како во поранешните времиња. На иселеничките средби сите се дел од многубројните случувања кои остануваат за паметење во родното село под Пелистер.
Една од првите иселеничката средба во Долно Преспа започна да се одржува во Долно Дупени во 1989 година. По иницијатива на иселеници од Долно Дупени кои живеат во Торонто: Ѓорѓи Ристевски, Михајло Николовски – Мајорчето и Васил Ангеловски се одлучи да се одржуваат слични средби како во Љубојно. Така, иницијаторите решија финансиски да ја поддржат средбата и заедно со претставници на Месната заедница да ја организираат.
Иницијативата да се организира првата манифестација од ваков вид во Долно Дупени наиде на широк одејќи кај населението. Првата иселеничка средба се одржа на 14 јули 1989 година во чест на „Св. Кузман и Дамјан – Св. Врач“, селската слава. На тој ден се собраа голем број мештани како и дојденци од Канада, САД, Австралија и од поранешните европски замји, туристи, намерници и бројни посетители од соседните села. Се пееше, се играше и се пиеше на Полена и по домовите Тој е денот сите ја изразија својата љубов кон Долно Дупени, кон својот народ и кон Македонија.
Повеќе од дваесет години традицијата продолжи „Долнодупенските иселенички средби“ да се негуваат и средбите да се организираат на викендите најблиску до празникот „Св. Кузман и Дамјан“. Иселеничките средби се одржуваа во недела и траеја еден ден. Според програмата се одржуваше духовна богослужба во храмот посветен на светците чувари на селото, потоа на сред село, на „Полена“ одбраната музика и естрадните уметници ги забавуваа присутните до доцна во ноќните часови.
На иселеничките средбите во Долно Дупени се организираа и културни манифестации. Меѓу другото, во 1990 година беше промовирана значајната и единствена монографија за Долно Дупени, чиј автор е Владо Јовановски. За ова дело пред многубројната публика зборуваше проф. д-р Петре Георгиевски.
Исто така, на средбите настапиле културно – уметнички друштва и голем број естрадни уметници, меѓу кои: Гоце Арнаудов, Блага Петревска Петар Нечовски, Ламбе Алабаковски и многу други. Тие помогнаа со песни и ора, со весели мигови, иселеничките средбите во Долно Дупени да останат незаборавни.
Првата „Брајчинска иселеничка средба“, пак, се одржа на празникот на света преподобна маченица Параскева – Света Петка во 1995 година. Ова средба ги стави темелите на наредните иселенички другарувања да бидат поорганизирани, повесели и помасовни. Децении наназад празникот св. Петка летна се празнувал во Брајчино. Тој е најзначајна селка слава која од 1995 година прерасна во прослава „Брајчински иселенички средби“. Таа се одржува во континуитет на празникот св Петка.
„Брајчинските иселенички средби“ ја продолжија традицијата да започнуваат на 7 август во манастирските конаци во кругот на црквата „Света Петка“, со присуство на голем број иселеници од Брајчино и од другите села на Долна Преспа. На овој светол ден за брајчинци се подготвуваат пет казани посен грав за околу илјада посетители, што е поклон од народот за народот.
Играорци од Мала Преспа
На 8 август, пак, на празникот св. Петка прославата продолжува свечено по домовите, кога секое брајчинско семејство има гости за ручек. Потоа, на сред село и во дворот на училиштето во попладневните часови започнува веселбата со богата културно-уметничка програма и со учество на бројни различни оркестри и бројни естрадни уметници. Затоа со право се вели дека „Брајчински иселенички средби“ се слават два дена и се прославуваат со силен жар, ентузијазам, љубов и со желба тие да бидат вечни.
Инаку, на Илинден во Дплна Преспа се собираат голем број иселеници од прекуокеанските земји, од европските земји, Преспанци што живеат низ Македонија, голем број Македонци од егејскиот дел на Македонија што живеат ширум светот, гости и иселеници од другите села, туристи и голем број повратници од Преспа, Битолско, Охридско и други места на етничка Македонија.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН