ПЛЕМЕТО ПЕЛАЗГИ-ПОПУЛАЦИЈА НА ЈУЖНИОТ БАЛКАН

 Академик А. Шкокљев-Дончо и Славе Катин

ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ

ДЕЛ 21

 

 

 

 

Меѓу палеобалканските популации на јужниот Балкан во последниот век, значајно место заземаат научните, историските, археолошките и лингвистичките истражувања на Пелазгите. Според Херодот (II,56), ја населувале земјата Пелазгија, што било подоцнежно име на Елада. Етимолошки пелас значи најблизок род, сосед, пријател, додека геа-земја, татковина, држава, па оттаму и старо име за Елада. Жителите се нарекувале Пелазги, пелас и ген-род, племе, поколение, доаѓање на свет.

**************

Во прастаро веме. Пелазгите имале седиште околу Додона во Епир а потоа се прошириле во Еолија, подоцнешен назив за Тесалија, Атика, Пелопонез и на егејските острови, т.е. на Балканскиот Полуостров од 36* до 40* северна географска ширина. Оваа географска ширина се поклопувала со линијата која ја сочинувале на југ, на Пелопонез, а на север Олимп, Хасиа и Пинд. На север од Пелазгија, од 40* до 41* се наоѓала Македонија и Енхелија, северно Бригија, Пелагонија и Тракија, а уште посецерно Бореја и Хипербореја.

Пелазгија ја населувале разни племиња. На север спрема југ тоа биле: Теспрочаните, Тераубите, Магнетите, Минијците, Лапидите, Тироидите, Акарнаните, Локрите, Беотите и Атичаните во континенталниот дел. На полуостровот Апис (подоцна Пелопонез) биле: Аркадите, Егијалците, Кавконците, Лелезите и Јонците. Пелазгите на егејските острови се нарекувале: Лименејци, Лезбијци, Самљани, Хии и др. На островите во Јонското Море живееле Карите и повторно Лелезите, како и други племиња кои имале заеднички пелашки идентитет.

Најмногу податоци за Пелазгија дава Херодот, а од неговите списи тие изронуваат од митот. Тој ја опишува нивната историја, занимавајќи се со нив и како нивни современик (484-421 година пред Христа). Хомер, Диодор, Страбон и други писатели пишувале за Пелазгите. Низ вековите Пелазгите биле заборавени. Во ХIX век кон нив вниманието го свртува Фитботен (Fittboten) (1862 год.). Се раѓа Пелазгологијата, науката за Пелазгите.

Таа ги обработува археолошките материјали, културата и лингвистиката на Пелазгите. Археолошките глосолошките елементи на Пелазгите многу студиозно ги истражувале во своите пионерски трудови: Кретчмер (1892, 1896, 1925), Томсен (1899), Брук (1973), Ѓорѓиев (1941-45 и 1972), Виндекенс (1952), Чедвик и Вентрис (1973), Скечермир (1964), Меларт (1966) и други. Од грчките глосолози, посебно биле ангажирани Хацидакис (1882, 1905, 1915, 1924), Сакелариу (1977), Мпампиниоти (1986) и други. Од нашите истражувачи : Васиќ (1958), Будимир (1969), Кљакиќ (1993), Петровиќ (1995) и Шкокљев (1996).

Се смета дека селидбата на Пелазгите од Кавказ и касписките простори настанала околу 3500 година пред Христа, кога се упатиле во две спротивни насоки, исток и запад. Источното крило, на чело со кралот Титон (Титонос-господар, семоќен владател) го изградил градот Суса во Месопотамија, со познатата тврдина Мемнонион, наречена по името на неговиот син Мемнон (решителен), додека Титоновата жена се викала Кисија. Западното крило, под водство на кралот Пријам, (приамос-спасител), отишло во анадолско-балканскиот правец, па се доселило во земјите на егејскиот басен, на брегот на Мала Азија, Балканот и егејските острови.

Споменуваните историчари и лингвисти сметаат дека Пелазгите, Етрурците и Ликијците биле сродни народи, истакнувајќи ги нивните роднински врски, посебно многу блиските односи меѓу владетелите на земјите на Пелазгите со Троја на Пријам и со донастијата на месопотамскиотт град Сус.

Главен град на Пелазгите на Балканот, т.е. Пелазгија, подоцна наречена Елада, извесен период бил Арг (бел, блескав, сјаен ..) во Тесалија со акрополата Лариса (кукла). Владател бил Теутам-оној што самиот себе се повторува. Оваа пелешка династија дошла од Лариса во Троја. Тоа биле внуците на митскиот тројански крал Теудам и наследници на Пријам.

Како први евидентирани праисториски староседелци на Балканот покрај останатите се и Пелазгите, со прото-индоевропско потекло и тие се едни од создавачите на космогонијата, теогонијата, митологијата и јазикот на праисторискиот свет на Егејот и “егејската цивилизација”.

Во текот на митолошкиот период, во Пелазгија дошло до формирање на поголем број племенски заедници. Во Тесалија, во почетокот постоела една општа пелешка заедница. Подоцна, заради миграцијата од север на Балканот, дошло до диференцијација и се јавиле поголем број племенски заедници. Во Тесалиската рамнина околу реката Пенеј, се оформила заедницата на Лапитите. Во југоисточниот дел на Тесалија била заедницата на Тироите или Тироидите, кои ја создале Димини културата. Во југозападниот дел била заедницата на пелашките Фтиотиди. Минијската заедница најпрво била создадена околу тесалискиот, а потоа беотскиот Орхоменон. Се смета дека овие нови заедници ја создале Димини културата.

Околу XVIII век пред Христа, во Атика и во Атина се јавила пелашката династија на Ерихтонците, која може да се следи до 1044 година пред Христа.

На Пелопонез, уште во XIX век пред Христа, била создадена најстарата митолошка племенска заедница во Аргос со кралот Инах. Тоа може да се следи до XIV век пред Христа.

Цивилизацијата која создале староседелците на Балканот и Егејот била ненасилна и мирољубива кон соседите. Се смета дека таа веќе постоела околу две и пол илјади години на Балканот, кога во 1600 година пред Христа ненадејно се појавила наезда на безимени доселеници. Историскиот народ Хетити, од Мала Азија, овие дојденци во регионот, во XIII век пред Христа ги означува како Ахиави, односно Ахеи.

Тие биле народ од сточари и земјоделци и се населиле во југозпадниот дел на Тесалија, околу реката Сперхеј, во областа Фтиотида. Според Ератостен, околу 1313 година пред Христа, додека обликувањето на сојузот во Тесалија било во тек, во пелешка Беотија дошол Кадмо од Феникија, од Блискиот Исток. Тој патувал преку Родос, Тракија и Македонија. Во Беотија ја изградил тврдината Кадмеја, заради одбрана од Ахејците. Околу ова тврдина подоцна ќе биде изграден градот Теба. Неговиот роднина Данај со 50 ќерки од Либија и со женидба го добива престолот кој му припаѓал на Геланор, кралот на Пелазгите.

Тесалиска рамница

Ја изградил аргивската тврдина Лариса за да го заштити градот од Ахејците. Данај од Аргос бил родоначалник на Данајците. Жителите на Пелопонез, кои пред доаѓањето на Данај се викале Пелазги, биле преименувани во Данајци според името на новиот владател Данај. Во 1250 година пред Христа на власт дошла династијата Пелопиди со кралот Артреј.

Меѓутоа, за праисторијата на нашите краеви посебно бил интересен Кадмо. Тој во Беотска Теба живеел среќно со својата жена Хармонија, која му родила син и четири ќерки. Во длабока старост, сопружниците морале да ја напуштат Теба со воловска кола во вид на змија и преку Тесалија и Македонија да отидат во земјата на Енхелејците кои живееле по должината на сливот на р. Дрим, се ‘ до Бокакоторскиот Залив, како што досега беше кажано.

Кадмо станал крал на Енхелејците и повеќепати водел силна војска против продирањето на Илирите, во почетокот на XII век пред Христа. Според Аполодор (Библ. III,5), некои градови на Јадранското Море добиле имиња по него. Така, Будва (Бутое) го добила името по воловите кои ја довлекле колата со Кадмо и Хармонија во земјата на Енхелејците. Градот Тиват бил наречен по градот Теба во Беотија, кој бил изграден од Кадмо, или од стариот и гласовит град Теба во Горен Египет, од каде потекнувал Кадмо.

Продолжува

One thought on “ПЛЕМЕТО ПЕЛАЗГИ-ПОПУЛАЦИЈА НА ЈУЖНИОТ БАЛКАН

  1. An excellent article that kept me engaged from start to finish! The blend of facts and storytelling was spot on. Im excited to discuss this further with anyone interested. Click on my nickname if youd like to explore more related content and discussions!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *