Општина Могила го одбележа 12 Септември, денот кога пред 23 години беше основана како единица на локалната самоуправа.
Според востановената традиција, на денот на основањето на општината, градоначалничката Јасмина Гулевска, заедно со претседателот на општинскиот Совет, Александар Јанкуловски и локални делагации положија цвеќе на спомениците на Димче Могилчето, Захарија Шумљанска, Парашкев Цветков и Иљо Лопатички.
-Денот на основањето го одбележуваме со постигнати успеси и резултати како што се изградба и реконструкција на четири училишта, изградба на канализациска мрежа и пречистителни станици. Во тек е и изградба на патот меѓу селата Српци и Беранци, а почнавме и со изградба на агроекономска зона која ќе биде прва од ваков тип во нашата држава, истакна Гулевска на свеченоста.
Општина Могила е формирана на 12 Септември 1996 година, со донесување на Законот за територијална поделба на Република Македонија.