На Спомен костурницата над Струмица денеска со пригодна свеченост беа одбележани 75 години од ослободувањето на градот.
За значењето на празникот зборуваше градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
-Струмица е слободен град со слободни граѓани. Оваа вест не е нова, но секогаш е убава да се слушне, оти ништо на овој свет не е поубаво од слободата. Во името на таа слобода на нашата Струмица, еве сме пак заедно-горди и достоинствени и на овој 11 септември, затоа што овој ден е вреден за одбележување, вреден за празнување и вреден за потсетување на неговата важност. Тоа го правиме секоја година, но годинава овој датум има посебна вредност бидејќи славиме убав и голем јубилеј-75 години од првиот струмички слободарски ден, истакна градоначалникот Јаневски.
Рецитаторите од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал за денот на ослободувањето на градот, а претставници на локалната самоуправа, Советот на општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата.
Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат вечер со отворање на традиционалната изложба од делата созадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“.