Собранието дебатира за сетот безбедносни закони, ќе гласа на крајот на седницата

Пратениците денеска на 30. собраниска седница во прво читање се изјаснуваа за сетот закони за реформи на безбедносно-разузнавачкиот систем, при што законите за реформa на полицијата ги оценија како прифатливи и дека треба да се дадат во понатамошна собраниска процедура.

Претседателот на Собранието Талат Џафери гласањето по законите го остави за по завршување на дебатата по целиот сет мерки. Собранието со работа ќе продолжи во 15:00 часот.

На седницата беше разгледан Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи. Целта е воведување ефикасна контрола над работата на полицијата. Предвидено е формирање полициски омбудсман, кој ќе има канцеларија кај Народниот правобранител, а предвидено е и посебно одделение во Основото јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, како и специјализирани иследници, кои ќе работат на контролата на работата на полицијата.

Со законот се цели да се постигне професионализација на полицијата, бидејќи, како што посочи министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски само професионална полиција, може да ја гарантира безбедноста на земјата.

Спасовски рече дека предлог законот за внатрешни работи и законот за полиција претставува реформа за воспоставување надворешен механизам за контрола на МВР и воспоставување полициски омбудсман.

– Целта е да зајакне контролата на полицијата. Овој закон го менува правниот основ за надворешна контрола на полицијата, рече тој.

Во законот за внатрешни работи се додаваат два нови дела. Како што појасни Спасовски се зголемуваат ингеренциите на Народниот правобранител за да може да иницира одговорност од вработен во МВР и се иницира дисциплинска одговорност.

– Сите во Македонија сме сведоци дека иако МВР има стандарди, од објективни и субјективни причини често имаме нетранспарентност во постапувањето на полицијата. Потребна е пред се деполитизацијата, која мора да се направи, додаде Спасовски.

Фросина Ременски рече дека со овој механизам им се дава можност на МВР и на Јавното обвинителство да ги санкцонираат полициските службеници, кои неовластено вршат службени дејствија.

Павле Богоевски го поздрави иземањето на апсолутната контрола на евентуалните злоупотреби од полицијата при постапувањето.

– Треба и да се имплементираат. Целта на МВР не е само ефикасноста во истражуавњето на конкретни кривични дела, туку довербата од граѓаните дека полицијата што треба да ги чува ќе ги чува, рече Богоевски.

Комлементарен со овој предлог е и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, кој исто така беше разгледан од пратениците.

Пратениците дебатираа и по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, а кој се однесува на ревидирање на одредени законски решенија, што се однесуваат на начинот на преземање на одредени полициски овластувања, водење на евиденциите во полицијата, усогласување со Законот за прекршоците, како и содржинско односно нормативно-правно подобрување на текстот на законот.

Едно од клучните прашања кои се предмет на уредување на предложениот закон е преземањето на средствата за присилба.

– Неконтролираната употреба на присилбата не беше компатибилно со меѓународните стандарди, ниту со декларативните заложби на нашата земја за демократизација и почитување на човековите права и слободи, истакна Спасовски.

Додаде дека целта на измените и дополнувањата е да се ограничат можностите за брутална употреба на овие средства, како што биле евидентирани во минатото.

Со предлогот се дефинира начинот, условите и ситуациите за употреба на електричниот парализатор и гумените куршуми, а со цел да се стави под контрола примената на средствата за присилба од страна на полицајците.