Џафери до Столтенберг: Да се финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот самит

Само со конструктивен дијалог со соседите  во однос на спорните прашања и со активен ангажман на институциите и на сите политички субјекти на исполнувањето на Планот 3-6-9, ќе се финализира „незавршената работа“ од Букурешкиот самит на НАТО во 2008 година,  истакна претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, на средбата со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенебрг, кој престојува во официјална посета на Република Македонија.

Како што соопшти собраниската прес-служба, Џафери на почетокот на средбата изрази голема благодарност за поддршката дадена од генералниот секретар на НАТО Столтенберг, за изборот на новата Влада и новото парламентарно мнозинство, како и во однос на реформските процеси во општеството и на планот на забрзаната интеграција на државата во НАТО.

Тој нагласи дека Република Македонија, веќе 18 години успешно го подготвува Годишниот план за членство во НАТО, за што и тој како поранешен заменик-министер и министер за одбрана, посочил, имал голем ангажман и удел во напорите за полноправно НАТО членство.

Претседателот Џафери го запозна, се наведува, Столтенберг и со агендата на Собранието на планот на подобрување на законската регулатива во безбедносниот сектор, со што, се посочува, ќе се обезбеди квалитетен и демократски  парламентарен надзор.

Столтенберг, пак, се посочува, ја потенцира понатамошната поддршка на НАТО за исполнувањето на амбициозната реформска агенда на новата Влада, особено на планот за владеење на правото, јакнењето на мултиетничкото општество и принципите на Охридскиот договор, како и за одржувањето и негувањето на добрососедските односи.

Како позитивен исчекор во оваа насока, генералниот секретар на НАТО ја навел ратификацијата на Договорот за добрососедство со Република Бугарија, со што се отвора ново и квалитетно поглавје во регионален контекст.

НАТО, посочил, со големо внимание го следи прогресот во функционирањето на Собранието на Република Македонија, особено по немилите настани од 27 април минатата година, бидејќи верува дека Собранието е платформата за заедничка работа на власта и опозицијата, низ реален политички дијалог, конструктивно да работат за бенефит на сите граѓани. НАТО особено го вреднува реалниот придонес на Република Македонија во мировните мисии на НАТО, каде се цени како мошне квалитетен и почитуван партнер, истакнал Столтенберг,

Првиот човек на Алијаната подвлекол дека НАТО и понатаму ја охрабрува Република Македонија храбро да продолжи во надминувањето на основната пречка која е предуслов за полноправно членство на Република Македонија во НАТО Алијансата.

– Поддршката дадена на Букурешкиот самит на НАТО и повторена на следните два самита, сè уште останува и е во насока на што побрзо зачленување на Република Македонија како 30-та земја членка на НАТО, посочил генералниот секретар на НАТО Столтенберг, се наведува во соопштението.

На средбата со Столтенберг присуствуваа координаторите на пратеничката група на СДСМ, Томислав Тунтев, и на ДУИ Ејуп Алими, Фросина Ташевска-Ременски, претседателка на Комисијата  за одбрана и безбедност и Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *