Специјалното јавно обвнителство информира дека се уште немаат добиено писмен допис од страна на Јавното обвинителство на РСМ и согласно тоа не можат да известат дали и како ќе се постапува со нивните предмети.
– Во врска со актуелните случувања сакаме да ја информираме јавноста дека сѐ уште немаме добиено писмен допис од страна на Јавното обвинителство на РСМ за да можеме да известиме дали и како ќе се постапува со предметите на ова Јавно обвинителство, информираат од СЈО.
Од СЈО во соопштението, изразуваат загриженост поради фактот што се уште не е избран јавен обвинител кој ќе ја замени Катица Јанева, ниту пак е донесено ново законско решение со кое што ќе се регулира статусот на ова Јавно обвинителство.
– Потсетуваме дека мандатот на СЈО е до 15 септември 2020 година, до кога продолжуваат работниот однос на вработените во Обвинителството и тековните обврски на институцијата. Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството, се вели во соопштението на СЈО.