Охридското Езеро раскажува за климатските промени на континентот за период подолг од милион години

Специјализираното научно списание „Nature“ во последното издание објавува подолг текст посветен на Охридското Езеро, во кој ги објавува резултатите од спроведеното повеќегодишно истражување на седиментните наслаги под дното на езерскиот басен. Самиот наслов на објавениот текст „Најстарото езеро во Европа ги открива климатските промени и временските прилики за период подолг од милион години“ покажува дека благодарение на перфектно зачуваните седиментни слоеви извадени од под дното на Охридското Езеро експертите по геологија добиваат податоци од кои можат да се утврдат климатските промени во овој дел на планетата низ период подолг од милион години.

Според текстот објавен во „Nature“, Охриското Езеро е едно од најстарите и најдлабоките во светот. Речиси сите останати езеро во Европа не се постари од сто илјади години, што не е случај со Охридското Езеро кое претставува негибнат дел од природата повеќе од 1,36 милиони години.

Списанието појаснува дека спроведениот проект на длабински дупчења на дното на Охридското Езеро во кој беа вклучени научници и експерти од 13 држави, дал нови сознанија за климатските промени низ времето. Екипата предводена од професорот по геологија Бернт Вагнер од Универзитетот во Келн ги објави резултатите од истражувањето насловени „Поврзаноста меѓу зимските врнежи во регионот на Средоземјето со африканските монсуни изминатите 1,36 милиони години“, пишува „Nature“.

Охридското Езеро се смета за најстаро постоечко езеро во Европа. Проектот почна пред 15 години, со прелиминарна цел да ја утврди неговата старост и подобро да се разберат климатските промени во регионот на Средоземјето. Самото дупчење почна во 2013 година, со максимална длабочина на земените примероци од 568 метри, во рамки на истражувањата спроведени преку Меѓународниот проект за континентални научни дупчења. Анализата на извлечениот материјал и срцевината на седиментните слоеви траеше пет години.

„Утврдивме дека езерото е формирано пред точно 1,36 милиони години“, велат угледните геолози проф. д-р Бернт Вагнер и д-р Хендрик Вогел од Универзитетот во Берн. „Бевме возбудени кога сфативме дека успеавме да извлечеме можеби најдолги целосни седиментни слоеви од дното на најстарото езеро во Европа. „Тоа ни даде можност да добиеме речиси сигурни податоци за севкупните климатски промени што се случувале во текот на период од над 1,3 милиони години, што е сон за секој научник што се занимава со истражувања на планетарните климатски промени“.

Седиментните наслаги сместени под самото езеро им овозможија на научниците да направат реконструкција на климатските промени низ историјата во регионот, на пример врнежите, пишува понатаму „Nature“. За прв пат преку примероци на наслаги на седимент можеа да се утврдат промени во климата за толку долг временски период. Сега тие податоци се споредуваат со постоечките модели за климатските промени.

„На тој начин, нашите истражувања помагаат во подобро разбирање на причините за настапувањето на сушни и врнежливи периоди низ времето, а со тоа се дава можност за поточно предвидување на ефектите на климатските промени во иднина“, го цитира списанието професорот Вагнер.

Преку комбинирање на податоците добиени од геолошките истражувања на дното на Охридското Езеро и симулациите на климатски модели, научниците успеале да добијат претстава за климата во централните и северните делови на Средоземјето. Климата во регионот на Медитеранот ја карактеризираат силни сезонски контрасти на топли и суви лета и зими со обилни врнежи, што се поврзува со нејзината зависност и меѓусебна поврзаност со тропската клима на африкаснкиот континент, особено изразена како последица на загревањето на морската површина во летните периоди.

„Мошне е тешко календарски да се утврдат промените и врнежливите периоди за толку долг временски период“, вели Вагнер. Тоа делумно се должи на фактот што постојат малку хидрометеоролошки податоци што би ни овозможиле утврдување на временските промени меѓу два глацијални циклуси во одредени делови на планетата.

Податоците добиени од моделите утврдени преку проектот на Охридското Езеро покажуваат дека низ времето се бележи намалување на атмосферскиот притисок во регионот на северниот Медитеран, особено во есенските месеци, што е последица на покачувањето на површинските температури во Средоземјето. „Слични ефекти ги карактеризираат и веќе утврдените промени во климата што се последица на глобалното затоплување“, вели Вагнер.

Но, истражувањето не се однесува само на минатото. Климатските модели наидоа на недоследности кога станува збор за човечкиот фактор и неговото влијание врз климатските промени, како и климатските прогнози за Средоземјето во идниот период. Некои експерти предвидуваат посуви зимски периоди, други студени периоди со обилни врнежи.

Токму новите податоци добени од истражувањето спроведено на Охридското Езеро ќе бидат клучни во утврдувањето на иднината на климатските промени во Средоземјето, пишува „Nature“.

 

One thought on “Охридското Езеро раскажува за климатските промени на континентот за период подолг од милион години

  1. I found this article to be both engaging and enlightening. The points made were compelling and well-supported. Let’s talk more about this. Click on my nickname for more engaging content!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *