Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој синоќа пристигна во официјална посета на Скопје, денеска ќе има средби со македонскиот државен врв, како и со лидерите на дел од партиите застапени во Собранието.
Тој, како што се очекува, ќе даде потврда за досега сработеното од новата Влада во реформскиот процес на патот на европските и евроатланските интеграции, но ќе изнесе и насоки кон кои земјата треба да се движи на патот до НАТО.
Генералниот секретар на Алијансата активностите во рамки на официјалната посета ќе ги почне со средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров.
По средбата следува и пленарниот состанок меѓу делегациите на МНР и НАТО.
На средбата, како што информираа од МНР, на Столтенберг ќе му бидат презентирани достигнувањата во надворешната политика изминатот период, со акцент дека членството во НАТО и ЕУ, добрососедските односи и регионалоната соработка се трите стратешки приоритети на надворешната политика на земјава.
Столтенберг следната средба ќе ја има со претседателот Ѓорге Иванов, а по неа ќе замине во Министерството за одбрана, на средба со министерката Радмила Шекеринска.
Од Министерството за одбрана нагласија дека пред генералниот секретар ќе бидат презентирани активностите кои досега се спроведени во оваа сфера, зголемувањето на буџетот во одбраната за 820 милиони денари, од 0,9 лани на 1,1 оваа година, одлуката на Владата за сукцесивно зголемување на буџетот за одбраната, почнувајќи од следната година за 0,2 отсто се до 2024 со цел да се дојде до посакуваното ниво од два отсто од БПД, што е согласно одлуките од НАТО самитот во Велс.
Тој ќе биде информиран и за зголемување на персоналот на македонското учество во мисијата на НАТО „Одлучна поддршка“ за 20 отсто, како и за активностите за изработка на стретешките документи во сферата на одбраната, односно Стратегискиот одбранбен преглед и Стратегијата за одбрана, кои не се донесени од 2010 година, а се очекува да бидат завршени во текот на летото.
Првиот човек на Алијансата ќе ја посети Канцеларијата за врски на НАТО, и потоа следи средба со петседателот на Собранието Талат Џафери, по што ќе се обрати пред пратениците.
Од Владата велат дека Столтенберг ќе испрати порака до опозицијата, која најави дека ќе се врати во Собранието за да го проследи неговиот говор, да се вклучи во работата на законодавниот дом и во соработката во процесот на спроведување на реформите во земјата.
Откако ќе им се обрати на пратениците, предвидено е првиот човек на НАТО да има средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски, а потоа е предвидена средба и со лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Официјалните активности генералниот секретар на НАТО ќе ги заврши со средбата со премиерот Зоран Заев. Тој во Владата ќе биде пречекан со највисоки почести, а по средбата предвидена е завршна прес-конференција.
Во делот на посетата на делегацијата на НАТО во Владата, програмата предвидува и пленарни разговори меѓу владината и делегацијата на Алијансата.
НАТО ќе ја покани Македонија да се приклучи како негова земја-членка откако ќе биде постигнато взамно прифатливо решение во спорот со Грција за името, порача генералниот секретар на НАТО во интервјуто за МИА, кое го даде непосредно пред неговото пристигнување во првата официјална посета на земјава.
На прашањето дали Македонија ќе добие покана за членство на самитот во НАТО во Брисел и без решено име, под привремената референца ПЈРМ Столтенберг е дециден дека позицијата на Алијансата останува непроменета.
– Не. Позицијата на НАТО останува непроменета. Сите одлуки во НАТО се донесуваат врз основа на консензус меѓу сите НАТО сојузници. На самитот во Букурешт и на последователните самити, тие се согласија дека НАТО ќе ја покани вашата земја да се приклучи, откако ќе се постигне взаемно прифатливо решение за прашањето за името во рамките на ОН, истакна Столтенберг во интервјуто за МИА.