Новата мерка за субвенционирање на придонесите на платите ќе даде голем ефект, оцени премиерот Зоран Заев, но нагласува дека треба да се креира законско решение што ќе спречи непланирано одлевање на средствата.
– Нашата дебата моментно е отворена и поголемо мнозинство во Владата смета дека ќе биде огромна искористеноста на мерката и дилема е дали проектираните пари ќе бидат доволни. Тоа за мене е оптимизам и ако следиме вакви мерки ќе наоѓаме средства, само нека растат платите. Од друга страна, со нивниот пораст ќе се полни и Буџетот, преку плаќање ДДВ, персонален данок и слично. Мерката сигурно ќе даде резултати, очекувањата се од нормални до повеќе од она на што можеме да се надеваме. Дефинитивно, треба до крај да ги испегламе сите активности поврзани со самиот закон, затоа што мораме и да го заштитиме Буџетот. Не смее да се дозволи непланирано или неочекувано да се одлеваат средства, туку тоа да биде во рамки на проектираното, истакна премиерот Заев.
Со предложените законски мерки, работодавачите кои ќе ги зголемат платите од 600 до 6.000 денари ќе добијат субвенции од државата, односно за тој дел тие ќе бидат ослободени од придонесите и ќе плаќаат само персонален данок.