Градоначалничката на Битола Наташа Петровска денеска информираше за новото улично осветлување во градот, проект кој го реализира општинското ЈП „Комуналец“ чии екипи ги заменуваат традиционалните со ЛЕД-светилки.
Петровска истакна дека со претходно ветениот проект, средствата на граѓаните рационално се трошат, а ефектите се многубројни.
-Големите трошоци за електрична енергија потрошена за улично осветување со новиот проект значително ќе се намалат. Досегашните натриумови и живини светилки се отстрануваат од употреба и поставуваме штедливи ЛЕД-светилки . Со имплементација на напредни и иновативни технологии, може многу поефикасно да се управува со уличното осветлување, односно со примена на ЛЕД технологијата во делот од уличното осветлување, се добива заштеда на електрична енергија и до 70 отсто, а со тоа и поврат на инвестицијата, истакна Петровска.
Од општина Битола информираа дека во оваа фаза поставени се 91 арматура со ЛЕД-светилки. Заштедата на годишно ниво, само од една светилка, е околу 100 евра.
–Од сите светлечки арматури само на улицата „Васко Каранглесеки“ обезбедуваме заштеда од околу 9.000 евра на годишно ниво. Но, со поставување нa ЛЕД осветлување на сообраќајниците и локалните патишта во зоните на живеење, дополнително се инвестира во енергетската ефикасност на системот за улично осветлување, како и во социјална и сообраќајна безбедност, појасни Петровска.
Замената на старите традиционални со ЛЕД-светилки ја врши стручна екипа на ЈП „Комуналец“-Битола, и истата во оваа фаза ги опфаќа најфрекфентните сообраќајници и населби во градот.
-Во Битола ќе бидат поставени над 2.000 ЛЕД-светилки, кои имаат систем на самопрограмирање и се прилагодуваат во текот на ноќта со степенот на светлина, процес кој исто така донесува заштеди. Се определивме да инсталираме напредни технологии затоа што се од интерес на граѓаните и без кредити или други финансиски оптоварувања врз корисниците. Сијалиците имаат долг рок на трење и тоа беше дополнително важно да почнеме со овој процес, појасни Панде Богоевски, директор на ЈП „Комуналец“-Битола.