Панел дискусија „Спорт за сите-спорт за развој“ во Крива Паланка

Во Крива Паланка се одржа панел-дискусија на тема „Спорт за сите- спорт за развој” на која присуствуваа претставници од спортскиот, невладиниот-младински сектор, од воспитно-образовните институции и Општина Крива Паланка.

Присутните се запознаа со проектот „Спорт за сите“ и локалното партнерство со Општината, која е пилот општина во државата во имплементацијата на овој регионален проект што се реализира и во Нов Белград, Србија, Фрушкосове ,Косово и Фир, Албанија.

– Првите чекори отпочнаа со партнерство, со обуката на тренери за спорт за развој и млади лидери, беа разубавени неколку локации за спорт, две катчиња во општината, едно кај населбата Единство, реализиран е еден спортски камп за кошарка со спорт за развој, а следува и тридневен спортски камп во Крива Паланка со различни спортови, во кој како и досега, ќе бидат вклучени дечињата од руралните средини, со цел нивно вклучување во заедницата. Во финалната фаза на проектот ќе се опремат, како салата во „Боро Менков“, уште најмалку четири подрачни училишта со реквизити и опрема. Дечињата од интернатот ќе добијат комплетна спортска опрема, ќе се одржи отворен спортски ден, а младите лидери и менторите ќе ја спроведуваат спортската програма во „Боро Менков“, изјави Магдалена Спасовска, извршна директорка на ТАКТ, организацијата што го имплементира проектот.

На панел- дискусијата претставници од спортскиот и образовен сектор од општините Центар и Ѓорче Петров, Скопје споделија позитивни практики за унапредување на спортот, со интенција да бидат вклучени во понатамошниот развој на „Спорт за сите“ на подрачјето на државата.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски истакна дека со проектот се направени видливи промени во заедницата.

Локалната мрежа и партнерство „Спорт за развој“ во Крива Паланка ја вклучува Општина Крива Паланка, спортски клубови од областа на кошарката, пинг-понг, ракомет, младински организации кои обработуваат теми од општествениот живот на младите и унапредување на условите за живот на младите во градот Крива Паланка, воспитно-образовните институции од основното и средното образование, Ученичкиот дом и индивидуалци кои заеднички ги креираат можностите за младите од руралните подрачја во општината.

Оваа локална мрежа во иднина се очекува да биде носител на различни активности од спорт за развој на национално и регионално ниво.

Во рамки на проектот „Спорт за сите“ отворена и опремена е и канцеларија за потребите на учесниците во локалното партнерство.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *