Работна група во која ќе членуваат претставници од повеќе министерства, до 1 октомври треба да достави конкретни предлог-заклучоци за дефицитарните технички струки на пазарот на трудот, одлучи Владата на вчерашната седница.
Одлуката е донесена откако се разгледа Информацијата за проблемите и потребите на техничките факултети од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
-Оваа Информација и заклучоците произлезени од неа дојдоа како резултат на средбата на вицепремиерот Кочо Анѓушев, министерот за образование Арбер Адеми и заменик-министерот за финансии, Ширет Елези, со претставници од сите технички факултети на УКИМ: Машински факултет, Архитектонски факултет, Градежен факултет, Технолошко-металуршки факултет, ФЕИТ и ФИНКИ. На средбата беа разгледувани можностите за надминување на недостигот од висок стручен кадар, можностите за решенија за ниските плати на техничкиот кадар, како и за подобрување на условите за одржување на предметната настава со соодветна опременост на техничките лаборатории, информира владината прес-служба.