Спасовски: Имаме цврста политичка волја за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал

Имаме цврста политичка волја и развиена јавна свест за интензивна и континуирана борба против организираниот криминал и во овој контекст, со поддршка и соработка со меѓународните институции, работиме на развој на ефикасни правни стандарди и воспоставување на специјализирани институции за сузбивање на овој вид на криминал, како и за побрза и поефикасна размена на информации на билатерална и мултилатерална основа, истакна денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на конференцијата на тема „Организираниот криминал и корупцијата како глобални безбедносни закани“, организирана од страна на Програмата за алумни на Европскиот центар за безбедносни студии „Џорџ Маршал“ и Асоцијацијата на Алумни на Северна Македонија.

Министерот наведе дека модерниот свет, како што рече, нема никаква дилема дека транснационалниот организиран криминал е реална, објективна закана, со огромен потенцијал да предизвика сериозни – како национални, така и пошироки, глобални безбедносни импликации.

– Министерството за внатрешни работи, односно полицијата, е една од клучните алки во тој систем за сузбивање на организираниот криминал и справување со корупцијата. Всушност, полицијата, заедно со истражно-правосудните инстанци треба да се оној ненадминлив бедем способен во континуитет да ги заштитува правниот поредок, институциите и граѓаните од сите опасности на организираниот криминал и корупцијата, нагласи Спасовски.

Потенцираше дека, низата реформски зафати што се преземени во изминативе две години, почнувајќи од реформите во безбедносните служби, па сè до нормативните предлози во правосудната сфера, имаат за цел не само да нè поместат од мртвата точка на која државата беше десетина години, туку истовремено да бидат силен замаец за натамошно продолжување на реформите во сите институции.

– Долгорочни ефекти и резултати против оваа комплексна безбедносна закана се можни само ако таа борба почива на заедничка нормативно и оперативно регулирана соработка и координација. Особено што, според меѓународните искуства, организираните криминални групи се многу прилагодливи на брзите нормативни и техничко – технолошки промени и општествените трендови, злоупотребувајќи ги можностите што ги носи напредокот на општеството, заклучи министерот за внатрешни работи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *