Пендаровски се сретна со началникот на хрватската војска, Мирко Шундов

Со идното членство на Северна Македонија во НАТО, земјата станува дел од Алијанса којашто не значи само безбедност и стабилност, туку и придонесува во економскиот напредок на општествата, беше заклучено на денешната средба на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски и високата делегација на вооружените сили (ВС) на Република Хрватска, предводена од началникот на Генералштабот на хрватската војска, генерал Мирко Шундов, којашто е во официјална посета на Северна Македонија.

– На средбата беше потврдена успешната долгогодишна соработка на армиите од двете земји во обуката и образованието, како и заедничкото учество во меѓународни вежби и мисии. Покрај позитивната соработка меѓу армииите на билатерално ниво, беше истакната одличната соработка во регионалните иницијативи меѓу кои особено е значајна соработката во рамки на иницијативата САД – Јадранска повелба, која започна како формат на соработка меѓу Албанија, Македонија и Хрватска во 2003 година, а потоа се прошири и со другите земји од Западен Балкан, соопштија од Кабинетот на претседателот.

На средбата, Пендаровски упатил благодарност за поддршката која Република Хрватска континуирано ја дава на Република Северна Македонија што особено беше изразено со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Република Северна Македонија во НАТО, бидејќи Република Хрватска беше меѓу првите држави која го ратификуваше истиот.

– Претседателот изрази очекување дека во најбрзо време ќе биде завршена ратификацијата од страна на сите 29 земји-членки на Алијансата и со тоа Северна Македонија ќе стане 30-та полноправна членка на Алијансата, информираа од Кабинетот на Пендаровски.