Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, во изјава за МИА, реагира на најавите за тужби од членови на Владата кон порталот „Инфомакс“ и потенцира дека новинарите не се над законите.
– Иако праксата на здруженијата на новинари во европските земји е да препорачуваат да се избегнуваат тужби кон медиуми и новинари, тоа не значи дека секој пат треба да се застане во одбрана на новинарите кои се огрешиле пред законот, објаснува за МИА Гутиерез.
Кога еден новинар постапува надвор од законот, дополнува, ние како здруженија, пред да реагираме, гледаме дали тоа тој го сторил во интерес на јавноста или дали е тоа злонамерно, со цел да се оцрни некој, дали е чиста лага, или навистина и повисока јавна цел.
За илустрација, наведе, доколку еден новинар објави документи до кои не можел да дојде на легален начин, но тие документи ја информираат јавноста, на пример, за некаква опасност која постои за граѓаните, тогаш здруженијата, но и судовите во огромно мнозинство случаи, застануваат зад новинарот и зад јавниот интерес.
-Меѓутоа, новинарите не се над законите и да се застане во одбрана на нешто неодбранливо што го сторил некој новинар ги ослабнува професионалните здруженија, постојат неприфатливи работи, и нашата задача како организации не е да ги покриваме грешките на новинарите, туку да им укажеме кога згрешиле, вели генералниот секретар на ЕФН, каде членуваат двете главни македонски новинарски здруженија, ЗНМ и ССНМ.
Гутиерез потенцира и дека новинарите и медиумите се должни и да се коригираат. Кога е сторено нешто незаконски, а тоа не е во служба на јавниот интерес, како што нагласи, наша задача е да санкционираме или осудиме, треба да бидеме први да укажеме на грешка, инаку губиме кредибилитет пред јавноста.
Според Европската федерација на новинари, новинарите треба и да сносат одговорност за своите постапки пред законот, така што ЕФН не осудува по автоматизам најави за тужби од политичари, па дури и ни отпуштања од работа.
Таков е примерот со белгиската новинарка, Емануел Прат, која пред неколку месеци беше отпуштена од телевизијата РТЛ поради изнесени лаги во етерот за време на емисија.
-Тогаш дојдоа да нѐ прашаат дали тоа не е напад врз слободата на изразување и јас тогаш одговорив дека во овој случај не станува збор за слобода туку за дезинформација, вели Гутиерез.
Прат беше отпуштена поради тоа што по локалните избори во Белгија, ги предупреди гласачите „убаво да размислат“ другпат пред да гласаат за партијата на Зелените, „затоа што сите овие даноци што ги плаќаме се даноци за животна средина“. РТЛ тогаш ја суспендираше и потоа ја отпушти новинарката, оценувајќи дека станува збор за шокантна и лажна изјава.
-Кој и да е неговиот личен став, професионалниот новинар има обврска да ја почитува вистината, да ја бара вистината, мислам дека овде, во оваа изјава, да се обвини партијата на Зелените за зголемените даноци е погрешен факт, така што или станува збор за вулгарна манипулација во најлош случај или за обична грешка, но во секој случај станува збор за дезинформација, изјави тогаш Гутиерез за белгискиот јавен сервис, РТБФ.
Што се однесува до судските пракси, иако во Белгија најчесто судиите застануваат во одбрана на медиумските слободи со либерален пристап кон поимот слобода на изразување, случаи на осудени новинари за клевета постојат.
Таков е случајот со друга новинарка од телевизијата РТЛ, Кристин Калмо, тужена од страна на белгиски политичар, обвинет за убиство на неговата сопруга, Бернар Весфал.
За време на неговото судење во 2016-та, Весфал оцени дека твитовите на новинарката Калмо за време на судењето биле тенденциозни. Судот побара од новинарката да му исплати 1.500 евра отштета поради нарушување на неговиот углед.
-Со нарушувањето на угледот на господинот Весфал, и презентирајќи ги само доказите против него, ценејќи дека е виновен пред конечната судска одлука, госпоѓата Калмо направи грешка која не би ја направил внимателен и совесен новинар, пресуди првостепениот Суд во Лиеж.
Поранешниот претседател на фламанскиот парламент, Крис Ван Дајк, исто така, поднесе тужба против медиум пред неколку недели поради „намерно“ објавување на „невистинити информации“ против него, додека пак бриселската општина Моленбек минатата година поднесе тужба против новинарка на американската телевизија „Фокс Њуз“.
Very interesting information!Perfect just what I was searching for!Blog range