Поповски: Ќе се санкционираат функционерите кои нема да постапуваат согласно Етичкиот кодекс

Со Етичкиот кодекс за членовите на Владата, за носителите на јавни функции именувани од неа и советниците носители на извршни функции, усвоен вчера на владина седница, ќе се санкционираат сите оние функцинери кои нема да постапуваат согласно одредбите од Кодексот.

Ова на прес-коференција во Владата денеска го истакна министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, кој го промовира Кодексот за етичко однесување за владините членови и носителите на јавните функции.

– Кодексот е всушност наша саморегулација. Со Кодексот ќе се прави евалуација и ќе се води сметка за однесувањето и начинот на работење на секој од функционерите. Детално се објаснува кои се правата и обврските на функционерите, полесно да се утврди кој постапува морално, етички, законски, кој не постапува, и од тие причини конечно преку Кодексот ќе може попрецизно да се детектираат сите оние девијации што се во спротивна тенденција на намерите на Владата за одговорно, отчетно и чесно работење, рече Поповски.

Тој појасни дека со Кодексот ќе има три нивоа на реагирање од страна на задолжените за Кодексот.

– Прво, изразување несогласување односно официјална критика, второто е политичка одговорност, односно барање за поднесување оставка на тој што не се однесува согласно Кодексот, и понатаму, одговарање согласно законите и инстоитуициите, појасни министерот Поповски.

Како што истакна, Кодексот произлегува од насоките за добро управување, подготвени во консултации со граѓанскиот сектор, академската заедница, стручната јавност и јавната администрација.

Кодексот, додаде Поповски, значи и реализација на препораките од петтиот круг на евалуација на ГРЕКО, што се однесуваат на спречување корупција и криминал, како и промовирање на интегритетот на централната власт кај највиоските извршни функции, и органите за спроведување на законот.

– За практично спроведување и реализација на одредбите од Кодексот, од голема полза ќе бидат механизмите и мерките за санкции, како и системско подигање на свеста за добро управување на лицата кои ввршат највисоки извршни функции, однесување на членовите на Владата и носителите на јавни функции именувани од страна на Владата, рече тој.

Оцени дека прифаќањето на Кодексот значи обврска на носителите на јавните функции постојано да се придржуваат на принципите на добро и одговорно управување на највисоко политичко ниво.

– Република Северна Македонија е на вистинскиоот пат за воспоставување општество во кое владеат највисоки морални вредности, Затоа отпорот е толку голем и паничен, и доаѓа од различни центри. Однесувањето на избраните и именувани лица согласно постулатите на правната држава и високите морални принципи е нашиот долг и обврска кон граѓаните. Само така можеме да очекуваме зголемување на довербата во политичките претставници, и во институциите на системот, подвлече Поповски.

Истакна дека од големо значење е соработката и активниот придонес на граѓаните во алармирање на однесувањето на носителите на јавни функции, спротивни на законските и морални принципи на однесување.

– Практичната примена на Кодексот ќе биде потсетник дека довербата на граѓаните не е дадена  еднаш засекогаш. Довербата на граѓаните останува наш врвен приоритет и овој кодекс е наша алатка со која ќе можеме да преземеме брзи и ефикасни чекори, за да ги промениме институциите, и начинот на однесување на носителите на јавни функции и интереси во полза на граѓаните, рече Поповски.

На прашањето дали ќе има одговорност од премиерот и министрите кои во неколку свои изјави дадоа одредени квалификации за новинари, Поповски рече дека носителите на јавни функции мора да се внимателни во комуникацијата со јавноста, но исто така, носителите на јавни функции, политичарите, имаат право да посочат на појави и девијации и на крајот да употребат термини кои секој граѓанин ги употребува.

– Од тие причини сметам дека треба сите заедно да сме многу повнимателни што значи клевета и навреда, а што значи став или изјава што посочува на некоја појава. Затоа смета дека во изјавите на премиериот, нема ништо надвор од она што во секојдневната комуникација го користат граѓаните. Но, точно е дека имало моменти кога во изминатите години некогаш одредени носители на функции искоментирале нешто што не е докрај соодветно, на начинот на кој што треба да се комуницира со јавноста, јас сум реагирал, и до мене беше упатена критика за мојот начин и одговарање, и за тоа дадов и исказ, одговори министерот Поповски.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *