МАСИТ бара Пендаровски да биде промотор на ИКТ индустријата

Заживување на економската дипломатија, технолошки парк, работни средби со амбасадори во нашата земја, промоција на ИКТ секторот во странство, образовни промени за потребите на ИКТ секторот, заложба за стратешка помош, регулаторна предвидливост за сериозни долгорочни инвестиции, измени и унапредување на даночната политика за ИКТ индустријата, како една од водечките гранки во државата, што треба да биде во фокусот на националната, економската и општествената политика.

Ова се дел од барањата на Стопанската комора на информатички и комјутерски технологии МАСИТ на денешната работна средба со претседателот  на државата Стево Пендаровски на која дискутираа за состојбите и потенцијалите на ИКТ индустријата.

Претседателот Пендаровски истакна дека соработката и поддршката на ИТ секторот во земјава е од особено значење, бидејќи како што рече, дигитализацијата го движи светот, ги диктира и останатите глобални трендови и ние мора да се прилагодуваме.

– Една од програмите на која ќе дадеме институционална поддршка е партнерството со Британската амбасада, Националниот младински совет и МАСИТ за отворање и работа на МЛАДИХAБ, кој ќе биде сместен во Канцеларијата на претседателот, просторот кој се наоѓа во центарот на Скопје. Со поддршка на оваа програма се надевам дека ќе создадеме мотивирачка средина дека и младите кај нас ќе имаат шанса за успех, потенцираше меѓу другото претседателот Пендаровски, додавајќи дека ваквите средби треба да прераснат во пракса.

Според него, ако нашата држава не стане членка на НАТО перцепцијата за стабилноста кај нас и за можноста од вложувања, па и во вашиот сектор, истакна, драстично ќе се намали. Во однос на ЕУ, оцени дека е потребно во преговорите, барем во половина од поглавјата, да бидат вклучени и претставници на ИКТ секторот.

–  Сакам да направам стратешки документ, со работен наслов „Северна Македонија 20/30“. Тука ќе треба конкретни заклучоци, а не кабинетски анализи, кои понатаму никој нема да ги гледа. Во тие тимови, кои на крајот од летово ги оформуваме по различни сектори, би морало да има и луѓе од вашиот сектор. Во 2030 година Северна Макеоднија јас ја замислувам како дигитална држава пред се, информира Пендаровски.

Во однос на неговата директна надлежност односно во делот на потпишувањето на укази за законите, Пендаровски им порача секогаш кога ќе има драфт верзија на закон, а не е добар за нив, да алармираат, да аргументираат, за да може навремено тоа да се измени.

Од МАСИТ нагласија дека во моментот се ‘рбетот на стопанството и преку нивната гранка може да се стопира одливот на високо квалификуваните интелектуални кадри надвор од државата.

Во моментот вработените во ИТ секторот се најплатени во државата, истакна меѓу другото во кратката презентација Анита Никова Бундовски, извршен директор на МАСИТ, осврнувајќи се на проектите на кои работат, пред се во однос на дигиталните вештини за младите. Бројот на вработени во ИКТ индустријата постојано расте, посочи, во 2017 година имало 13 илјади, а веќе 14.500 во 2018 година. Според неа, има пораст и во вкупните приходи, во 2017 година имало околу 780 милиони евра вкупен приход, додека 2018 година на ниво на ИКТ секторот 862 милиони евра. Тоа претставува, подвлече Никова, една од најбрзо растечките индустрии во државата.

– Просечните приходи по вработен во државата се 15 илјади евра годишно, додека во ИКТ индустријата просечни приходи по вработен се скоро 60 илјади евра. Разликата е навистина голема и токму заради тоа треба да се инвестира во ИКТ индустрија, рече Никова, додавајќи дека во моментот просечната плата во ИКТ индустријата е 59 илјади денари, додека телеком секторот е 38 илјади денари.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *