Во рамки на „Научната и уметничка визита“ што МАНУ ја организира во Охрид, вечер во Куќата на Уранија ќе бидат промовирани антологиите „Поети и раскажувачи од Македонија и од Косово“.
Станува збор за дел од активностите за меѓународна соработка што ги спроведува МАНУ во рамки на проектот „Поети и раскажувачи академици“, така што беа подготвени и објавени Антологија на pоети и раскажувачи на Академијата на науките и уметностите на Косово (издание на Македонската академија на науките и уметностите) и Поети академици, како и Антологија на pоети членови на Македонската академија на науките и уметностите (издание на Академијата на науките и уметностите на Косово).
На вечерашната свечена промоција во присуство на делегации на академиите на науки и уметности на Македонија и на Косово, ќе говори академик Луан Старова, инаку редовен член на МАНУ од Одделението на уметностите и еден од најплодните и најпреведувани романописци во Европа и светот.
– МАНУ развива плодна научна и уметничка размена со академиите на соседните земји. Најповеќе со Бугарската академија на науките, со неколку десетици заеднички проекти, но и со другите. Веќе реализираше Денови на Албанска академија во Скопје, а реципрочниот одговор, во обратна насока, планиран е за напролет. Исто така, се реализира и заедничкииот проект, кој предивдува MАНУ да објави книга за Наим Фрешери, а колегите од Тирана превод на „Историјата на македонскиот народ” на албански. МАНУ веќе ја реализираше превземената обврска, а на последната средба на претставници на двете академии во Охрид, беше договорено, Албанската академија да ја интензивира работа, по што ќе следи заедничка промоција. Босанската академија, во Скопје, веќе имаше „Изложба на сликари академици“, додека во октомври следи возвратен чин во Сараево, појаснува претседателот на МАНУ, академик Таки Фити.
Почетокот на промоцијата е закажан за 20 часот.