Заврши 45-тата меѓународна ликовна колонија „Куманово“ во Пелинце

Заврши 45-тата меѓународна ликовна колонија „Куманово 2019“ во Пелинце на која учествуваа  11 уметници од пет држави. На вчерашното затварање, посетителите имаа можност да разгледаат 25 ликовни дела, изработени во текот на седумдневниот престој на академските уметници и графичари од државата и соседните, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и Романија.

-Може да се препознае автентичниот ликовен јазик на уметниците кои се препознатливи на домашната и меѓународната ликовна сцена, дела со фигуративни карактеристики, апстрактни и дела во кои се насетуваат впечатоците од нивниот престој во Пелинце, што значи дека како организатори сме ги исполниле нивните услови за творење-изјави, виш кустос, историчар на уметност, од кумановскиот музеј Драгана Спасковска.

Директорот на кумановскиот музеј, Богдан Таневски, информираше дека уметниците се инспирирале од амбиентот на Пелинце и од културно-историските знаменитости на Старо Нагоричане, Кокино, црквата Свети Ѓорѓи.

-Ова е една од најстарите ликовни колонии во државата, првин се одржуваше во конаците на манастирот Свети Прохор Пчињски, потоа во манастирот во село Матејче, а последниве години овде во Пелинце. Има богата продукција од над 800 дела низ годините складирани во депото на музејот како и во некои установи и институции.Повремено организираме изложби за да го прикажеме богатството со кое располага музејот- изјави Таневски.

Кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски ја прогласи за затворена колонијата, укажувајќи дека општината ќе продолжи со поддршката на оваа најстара ликовна колонија во градот.

-Колонијата има исклучително важно значење за општината. Колекцијата ќе остане како трајна сопственост и ќе влезе во културните добра и на градот и на државата-изјави Димитриевски.

Уметникот Никола Пијанманов од Струмица рече дека е презадоволен од искуството и особено од амбиентот за творење.

-Имаше креативна енергија, условите во ателјето се задоволителни, посетивме доста места, идеален спој помеѓу историјата и природата-изјави академскиот уметник.

Изложбата ќе биде презентирана идната година во Уметничката галерија во Куманово, а од музејот најавија дека ќе се обидат да ги презентираат делата и надвор од градот. Колонијата ја организираат музејот, општина Куманово со поддршка на Министерството за култура. Ликовната колонија „Куманово“ е една од најстарите ликовни колонии во државата. Основана е 1974 година и со овогодинешниот ликовен собир одбележа 45 години од постоењето.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *