БОРБА ЗА ЗАЧУВУВАЊЕ НА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ

Селото Крстоар, Битолско е едно од најблиските населби на Битола, кое го вбројуваат меѓу најхристијанските села во тој регион. Тоа е едно од најкарактеристичните места сместено во падините на Баба Планина, а со лицето свртено кон Пелагонија. Тоа има прекрасна местоположба и климатски услови за одмор и живеење и претставува дел од судбината на Битола

Така, во ХIХ век во битолските села, особено во потпелистерските села како што е селото на семејството Видиновци – Крстоар, како и во други пелагониски села како што се селото на семејството Крстевски од село Живојно, се воделе борби за зачувување на животот, имотот и честа, во Битола и во Битолскиот вилает.

Македонците од овие битолски краишта настојувале да ја преземат целокупната општествена дејност за да си ги задоволат своите еснафско-трговски потреби. Низ таквата борба македонското граѓанство во Битола успеало да отвори свои училишта. Во процесот на преродбата на македонскиот народ, во Битола и Битолско се водела борба за отстранување на грчкиот јазик и се отворале македонски училишта во сите поголеми цркви и манастири. Во втората половина на XIX век зголемените национални сили во Битола и Битолско се вклучиле во борбата за решавање на економските, социјалните и политичките задачи на македонското национално движење.

Меѓутоа, Битола станала и средиште на верски судири, на големо-грчка, големо-бугарска и големо-српска пропаганда. Големо-грчките претензии се манифестирале преку дејноста на Грчката патријаршија и грчките училишта, а големо-бугарските преку дејноста на новоформираната Бугарска црвка – егзархија. Така, во Битола се нашле едни против други емисарите на грчката, бугарската, српската, католичката, па дури и на романската пропаганда. Ниту една од тие  пропаганди не успеала да ги оствари своите политички цели.

abfjd2

Почит кон борците за слобода 

Македонските интелектуалци почнале да истапуваат со национални барања за признавање на македонскиот народ како посебна нација на Балканот. Еден од барометрите на овие судири и политички активности и борби, во кои биле испреплетени европските и балканските интереси, покрај Солун, била и Битола. Организираната национално-ослободителна борба на македонскиот народ, по создавањето на ТМОРО во 1893 година, зела голем замав и во Битолско.

Битола станала најважен центар на ТМОРО (Тајна Македонска Ослободителна Револуционерна Организација) во Западна Македонија. Битола и Битолско биле испреплетени со широка мрежа на организацијата. Во овој град многу чесето  престојувале најистакнатите македонски револуционери и раководители на ТМОРО како: Даме Груев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, а неколку пати и апостолот на македонската слобода и револуција, Гоце Делчев.

За време на Илинденското востание Битолско, особено потпелистерските села во кои припаѓа и родниот крај на семејството Видиновци, селото Крстоар, зеле масовно и организирано учество во борбата. Многу востанички чети и одреди на народната милиција биле формирани и дејствувале во овој крај. Многу села биле изгорени. Најпознати жестоки борби биле водени кај Ѓавато, Бистрица, Врањевци, Скочивир, Брод, Рибарци, Новаци и други места.

За одбележување се пелистерските битки на неколку востанички чети водени против турската војска и башибозукот над селото Цапари. Во Младотурската револуција Битола и Битолско одиграле многу значајна улога. На 22 јули 1908 година, 3.000 востаници во Битола ја презеле власта и воспоставиле младотурска управа. Битола и Битолско се нашле и во фокусот на Балканските војни. Битола е прв град во Македонија на линијата на огнот што ја почувствувала Вторта светска војна.

asbm3

Бранислав Нушиќ во театарска претстава

На 5 ноември 1940 година, италијански авиони, за жал, го бомбардирале градот, а,, по агресијата на фашистичките земји врз Кралството Југославија, единиците на Дванаесеттата германска дивизја на 9 април 1941 година влегле и ја окупирале Битола. На 18 април 1941 година во Битола влегле единиците на Петтата бугарска армија. И во Битола бугарскиот фашистички окупатор воспоставил своја власт.  Злоделата  на окупаторската чизма биле тешки денови на глад, терор и денационализаторска пропаганда.

Како последица на настанатата состојба, на 2 август 1941 година, партиската организација и СКОЈ во Битола организирале масовни илинденски демонстрации, ставајќу му на знаење на окупаторот дека не го признаваат и дека ќе се борат до неговото прогонство. На 22 април 1942 година, во пазувите на Пелистер, кај Лавчанска Корија бил формиран Првиот битолски партизански одред „Пелистер“, составен од 22 борци.

Потоа, на 6 јули 1942 година, на Бигла Планина, бил формиран Битолско-преспанскиот одред „Даме Груев“. На 2 август 1942 година, овој одред на денот на Илинденското востание, го нападнал и ослободил селото Смилево и водел повеќе борбени акции против фашистичкиот окупатор.

На 11 март 1943 година Битола доживеала голема трагедија. Германските и бугарските фашисти одвеле во логорот на смртта Треблинка во Полска 3.000 битолски граѓани – Евреи, каде што биле убиени. Треба да се одбележи дека на Првото заседание на АСНОМ од Битола и Битолско биле избрани 21 делегат од кои 9 делегати зеле директно учество во работата на Заседанието.

Од летото на 1944 година па сé до конечното ослободување, единиците на Седмата македонска ударна бригада и други партизански воени сили во Битолско воделе чести борбени акции и им нанесувале сериозни воени загуби на фашистичките воени сили.

На 4 ноември 1944 година борците на Седмата бригада го ослободиле градот Битола. Така, Народноослободителната борба и народната револуција во Битола и Битолско биле крунисани со полн успех, а за населението во овој слободарски крај на Македонија започнала ерата на слободниот, национален, социјален и стопански развој исполнет со голем хероизам, ентузијазам и работни победи.

Продолжува

slave

Пишува: СЛАВЕ КАТИН     

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *