Тесалиското племе Тирои – 3 дел

ТЕСАЛИСКОТО ПЛЕМЕ ТИРОИ – III ДЕЛ

Акаст, синот на Пелеј, се оженил со Астидемија. Нивни деца биле Стеропа, Стенела и Лаодомија. Акаст учествувал во ловот на Калодонскиот вепар, а потоа, против волјата на татко му, им се придружил на Јасон и Аргонаутите. Како крал на Јолк, Акаст во митологијата бил познат и по тоа што го исчистил од гревовите Пелеј, син на егинскиот крал Еак, крал на Фтија во Тесалија, татко на најголемиот грчки јунак Ахил.

*******************

Додека Пелеј претстојувал во Јолк, Акастовата жена Астидамија се обидела да го заведе гостинот, а кога тој одбил, направила голема интрига. Љубоморниот Акаст го однел Пелеј на планината Пелион, без оружје и го оставил на милост и немилост на кентаурите и дивите sверови. Пелеј го спасил мудриот кентаур Хирон. По извесно време, Пелеј сам или со Јасон го разрушил Јолк и го убил Акаст. Своите Мирмидонци, тесалиски Ахејци од Фтија, ги внел во градот преку распарченото тело на Астодамија.

Подоцна Пелеј бил прогонет од Јолк и Фтија од потомците на Акаст, кои веќе не му се плашеле кога слушнале за смртта на Ахил во Троја. Прогонетиот Пелеј, чекајќи го својот внук Неоптолом, умрел во островот Икос, во близина Еубеја, каде што бил и погребан.

Акастовата ќерка Лаодамија се омажила за Протесилај, син на Ификло, чија љубов била легендарна. Кога во Тројанската војна нејзиниот маж загинал, таа направила негов кип од восок и често го прегрнувала. За да ја ослободи својата ќерка од сеќавањата на загинатиот сопруг, Акаст ја фрлил восочната фигура во оган.

Една од Акастовите сестри, Пелиади, била Алкеста. Таа била најубава и најпобожна ќерка на кралот Пеле и единствено таа не учествувала во убиството на татка си. Алкеста се омажила за Адмет, крал на градот Фера во Тесалија, син на Ферет. Во митологијата Алкеста била симбол на брачна љубов и пожртвуваност. Нејзин син бил Еумел, учесник во Тројанската војна и еден од стројниците на убавата Елена. Еумел дошол пред Троја со единаесет воени лаѓи, а ги понел и своите убави коњи. Владеел со тесалиска Фера.

Вториот вонбрачен син на Тиро со Посејдон бил Нелеј. Бидејќи морал да го напушти Јолк, побегнал во Месенија, на југозапад на Пелопонез, каде на југ од Наваринскиот Залив го основал градот Пил. Заради неговата популарност, Хомер во своите епови го нарекува Нелејев град. Со себе ги повел и роднините Мелампод и Бијант.

Според Паусанија (IV, 2), Нелеј во Месенија го примил неговиот роднина Афареј, кој го основал градот Арена, според името на неговата жена. Афареј бил син на Перијер, внук на Еол од Тесалија и Енарета и тој владеел со Месенија. Бил оженет со Горгофона, ќерка на Персеј од Аргос на Пелопонез. Арафеј бил татко на Линке, Идо и Пис, кралеви на Месенија. Синови на Перијер биле уште и Леукип, Тинтареј и Икарије. Леукип станал крал на Месенија, додека Тинтареј на Спарта. Тинтареј се оженил со Леда, ќерка на Етоловиот крал Тестија. Негови деца биле Диоскури, Кастор и Полидеук и ќерките Елена, Клитемнестра и др.

Елена се омажила за Менелај, Клитемнестра за Агамамнон. По смртта на своите синови, Тинтареј спартанскиот престол му го отстапил на Менелај. Својата внука Хермиона ја омажил за синот на Агамемнон, Орест. Тинтареј бил погребан во Спарта. Последниот син на Перијер, Икарије, се оженил во Акарнанија со Поликастра, ќерка на кралот Тестија, која ја родила ќерката Пенелопа и пет синови. Кога пораснала, Пенелопа се омажила за Одисеј, кралот на Итака, син на Сизиф, кој станал славен јунак во Тројанската војна.

Наоѓајќи се меѓу своите роднини на Пелопнез, Нелеј се оженил со Хлорида, ќерка на Амфион и Ниобина, од племето Минијци од Пелопонез. Таа му родила дванаесет синови и ќерката Перо. Од синовите најпознати се Нестор и Периклимен. Како крал на Пил, Нелеј доживеал длабока старост. Археолошките истражувања утврдиле дека Нелеј изградил голема палата наречена “Несторова палата”. Откриен е и архив со околу 1200 керамички плочки испишани со линеарно “Б” писмо, кои се датирани во 1200 г. пред Христа.

Според Томсон ((1954 г., 130 и 285), Нелеидите заедно со Лапитите ја внеле на Пелопонез балканската глосологија и религија. Тоа се заклучува не само по линеарното “Б” писмо, туку и по топонимите, како што се: Пинеј, Енипеј, Минијеј, пред се’ во Елида, пренесени од Еолоја. Исто така, тие го вовеле и митот за својата прабаба, Тиро, според кој таа е ќерка на Салмонеј, син на Еол, која својата младост ја минала во Тесалија. Според митот, тој подоцна се иселил во Елида каде го основал градот Салмона, северно од Олимпија. Таму станал крал на Елида женејќи се со ќерката на Алеј, Алкидика, која ја родила преубавата и мудра девојка Тиро.

Со Нелеидите во Месена стасал и богот Посејдон (Томсон, 1954 г. 285). Нелеидите биле и одлични морепловци. Според Аристотел, жителите на Пил пловеле не само до Кавказ, туку и до Јадранското Море, каде набавувале килибар од устието на реката По во Италија. Тоа го утврдиле и археолошките наоди во Пил, каде биле откриени големи количини килибар, со што Пила заземала значајно место во “килибарскиот пат” од Балканот до Медитеранот.

Најстариот син на Нелеј бил Периклимен, кој учествувал во походот на Аргонаутите во 1225 година пред Христа. Во борба, него го убил Херакле (Аполодор, Библ. I, 9, 9) кога дошол во Пил за Нелеј да го исчисти од гревовите по убиството на Ифит, прочуениот стрелец, син на кралот Еврит, кој владеел со Ехалија во Месен. Нелеј го одбил тоа бидејќи бил голем пријател со таткото на Ифит. Заради тоа Херакле ги нападнал Нелеидите и при тоа ги убул единасетте сина на Нелеј, освен најмладиот Нестор кој бил отсутен.

Нелеј му го препуштил кралството Пил на својот син Нестор и се повлекол на Коринт, каде умрел во длабока старост и таму бил погребен со големи почести (Пау санија, II 2, 2 и III, 26).

Митот за Херакле и заземањето на Пил бил уште еден настан во ахејскиот продор покрај Тесалиска Фтија на Пелопонез, под водство на Пелоп во XIII век пред Христа (Гревс, 1990).

 

Нестор бил најмлад син на Нелеј, оженет со Евридика, која му родила две ќерки и седум сина: Пизистрат, Антилох, Трасимед, Арет, Персеј, Стратих и Ехефрон. Бил мудар и храбар крал на Пилите. Учествувал во прочуениот лов на Калидонскиот вепар и во походот на Аргонаутите. Бил многу ангажиран во подготовките на Тројанската војна, кога со Одисеј собирал војска по цела Елада. Одел дури до Фтија во Тесалија да ги наговори Ахил и Патрокле за војна.

Пред Троја Нестор стасал со деведесет лаѓи и двата сина, Антилох и Трасимед. Во текот на Тројанската војна се истакнл како “коњаникот Нестор” и бил главен советник и мудар стратег (Хомер, I, IV, 170). По озвојувањето на Троја среќно се вратил во родниот Пил, во својот раскошен дворец, каде дочекал длабока старост и таму бил погребан.

Кога Хелените-Дорци го освојувале Пелопонез, во 1104 година пред Христа, многу Нелеиди ја напуштиле Месенија и се населиле претежно во Атина, каде со Лапитите се вклучиле во кралските владејачки семејства, до 1044 година пред Христа. Според Херодот (V, 65) и Паусанија (III,18, 8), некои Нелејци го преживеале елинскиот налет на Месена.

Меѓу најпознатите братства на Нелејците од Пил во Атина спаѓале: Пизистратидите, Кодридите, Алкменоидите и Пајонидите.

Посебно за Пизистратидите, Херодот (V, 65) истакнува дека тие навистина по потекло биле од Пил и биле потомци на кралот Нелеј, исто како и фамилиите Кодра и Меланта, кои порано се доселиле во Атина и таму станале кралеви. Покрај тоа, Нелејците биле тие кои најмногу влијаеле во обликувањето на општествено-социјалниот и економскит живот во Елада, во т.н. архаичниот период (VIII-VI век пред Христа), во периодот на класичната грчка цивилизација. Тие придонеле во реформите на “полис-државите”, со преодот од кралското уредување и тиранија до демократија, како врв на полтичкиот живот.

Славе Катин

Продолжува …

One thought on “Тесалиското племе Тирои – 3 дел

  1. Great read! The depth and clarity of your analysis are impressive. If anyone is interested in diving deeper into this subject, check out this link: DISCOVER MORE. Looking forward to everyone’s thoughts!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *