Пожарот на Осогово целосно изгаснат, најверојатно бил намерно предизвикан

Целосно е изгаснат шумскиот пожар што во изминатите 24 часа беснееше на падините на Осоговските Планини, во атарот на кочанските села Бели и Лешки.

По успешната акција за гаснење на огнот, Кризниот штаб на Општина Кочани го повлекол барањето до државните служби за интервенција со специјалните авиони – канадери.

– Во текот на вчерашното попладне и преку целата ноќ во интервенцијата учествуваа околу 120 припадници на територијалните противпожарни единици од Кочани, Виница, Штип, Македонска Каменица, потоа од подружниците на ЈП „Македонски шуми“ од сите општини во источниот регион, како и од Гевгелија и Кавадарци. Исто така, помагаа и вработените во комуналното претпријатие „Водовод“, во надлежните служби за заштита и спасување, а благодарност за поддршката во интервенцијата заслужува и месното население, пред сè од селото Бели. Наши екипи ќе останат дежурни на теренот и по гаснењето на огнот, за да спречиме каква било можност од негово повторно појавување. Сите индиции покажуваат дека пожарот е подметнат, за што се информирани службите во МВР, па очекуваме евентуалниот сторител да биде откриен, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој раководи со Кризниот штаб.

Пожарот зафати површина од околу 150 хектари и изгоре повеќедецениска борова и друга шума, оштетени се пчелни сандаци, а со навремената интервенција спречено е огнот да зафати неколку викенд куќи. Од ЈП „Македонски шуми“ рекоа дека допрва ќе се оправи проценка на причинетата штета на шумата, но дека најважно е што е спречено проширувањето на пожарот кон селските населби во близина.

-Дел од боровите стебла се зафатени со приземен пожар, но повеќето се целосно изгорени, па нивната понатамошна функција и вредност се целосно загубени. Ние во нашите пресметки вообичаено ја проценуваме само штетата на дрвната маса и трошоците за одржување на шумите, додека воопшто не влегува загубата што има општокорисно значење за граѓаните. Тоа се непроценливи штети, а граѓаните на Кочани, па и во целата држава, треба да знаат дека во вакви пожари нам ни гори по една фабрика за чист воздух, односно губиме по еден огромен магацин за складирање јаглерод диоксид, истакна Горан Стојковски од ЈП „Македонски шуми“.

Од Кризниот штаб на општина Кочани информираа дека, освен големата материјална штета, нема настрадани или повредени лица, ниту пак е регистрирана повреда кај луѓето кои интервенираа во гаснењето.