Расте откупната цена на тутунот – 214,8 денари за килограм

Просечната откупна цена на тутунот од реколтата 2017 достигна 214,8 денари за килограм. Квалитетот е добар, кај компаниите има интерес за откуп и засега не се пријавени проблеми во однос на проценката на класите, соопшти Министерството за земјоделство (МЗШВ).

Според Државниот инспекторат за земјоделство, откупени се повеќе од 21,5 милиони килограми тутун во вредност од околу 60 милиони евра.

Откупот е во завршна фаза и се очекува да заврши до крајот на месецот.

– Тутунот е стратешка култура на Македонија, со извоз во вредност од 100 милиони евра годишно. Во просек годишно откупот на тутун е околу 25 милиони килограми, со вредност од над 80,5 милиони евра. Тенденцијата на Владата е да се зголеми побарувачката на тутунот со зголемување на конкурентноста на пазарот преку влез на нови откупувачи на пазарот и инвестиции во тутунската индустрија, што крајно ќе влијае и врз зголемување на откупната цена на тутунот, велат од МЗШВ.

Кон крајот на минатата година компанијата „Бритиш-Aмерикан Tобако“ (БАТ) инвестираше 13 милиони евра во Македонија, во ТДР СКОПЈЕ ДООЕЛ Скопје, преку која „Бритиш-Aмерикан Tобако“ работи на македонскиот пазар. Целта на инвестицијата е консолидација и развој на бизнисот, зајакнување на позицијата на пазарот и отворање нови директни и индиректни вработувања.

Од компанијата потенцираат дека се задоволни со резултатите од досегашната работа во Македонија, бидејќи континуирано бележат пораст на уделот на македонскиот пазар. За Македонија, инвестицијата освен отворање нови работни места, ќе придонесе за успешно позиционирање на регионалниот пазар.

„Бритиш-Американ Тобако“ во 2015 година ја купи хрватската компанија „Творница духана Ровињ“. Станува збор за една од водечките мултинационални компании за тутун во светот, која ги продава своите брендови на повеќе од 200 пазари низ светот. Оваа компанија од Македонија откупува тутун, меѓутоа не преку македонското друштвото, туку од компаниите кои откупуваат тутун од примарните производители.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *