Посетата на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, лидерот на ДУИ Али Ахмети ја оценува како добар сигнал дека е можен компромис до самитот на НАТО во јули годинава, но смета дека во решението на името треба да учествува и опозицијата.
– За да имаме прифатливо решение, сигурно дека треба да се согласи и опозицијата. Tреба да има политичка и национална согласност на заедниците, особено меѓу двете најголеми заедници, Македонците и Албанците. Има неколку моменти каде треба добро да се менаџираат и за да се внесе во овој процес и опозицијата, сигурно дека потребни се контакти, средби и со нив, средби и со другите државни институции, во оваа насока не може да се исклучи ниту господин Иванов, изјави Али Ахмети во интервју на телевизија Алсат М.
Прашан дали оваа влада е посмела и дали е реално набрзо конечно да се посгигне компромис со Грција околу името, Ахмети рече дека добар сигнал се охрабрувањата што доаѓаат од официјални лица од Вашингтон и Брисел, но и од Германија, Британија и Франција за компромис да се постигне до самитот на НАТО во јули годинава на кој Македонија би била примена за најнова членка на Алијансата.
– Албанската заедница отсекогаш била заинтересирана тој проблем да се реши, но сме внимателни имајќи ги предвид чувствата на Македонците, но не ни е сеедно оти ова е и наша држава. За Албанците е единствено неприфатливо име Словенска или Национална Р. Македонија, оти и ние сме дел од неа со историја и култура, рече Ахмети.
Ахмети, во интервјуто, исто така, потврди дека во владата има размислувања да тргне некој од спомениците од Скопје 2014 или промена на името на аеродромот „Александар Велики“ и автопатот, што би биле сигнали и кон Грција и кон меѓународната заедница дека Македонија е цврсто решена да ги надмине недоразбирањата и отворените прашања со соседите