Расказот „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2019 година

Расказот „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ на авторот под шифра „Единаесет“ е годинешниот добитник на наградата „Живко Чинго“, во рамки на конкурсот за најдобар расказ што традиционално ја распишува Општина Охрид во знак на почит кон делото на познатиот писател од охридскиот крај.

Славе Ѓорго Димоски, член на жири-комисијата што ги вреднуваше творбите од конкурсот, појасни дека расказот „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ бил избран за најдобар во конкуренција на 41 пристигнат труд кои ги исполнувале критериумите на конкурсот.

Во поширок избор за наградата влегле 14 труда, од кои жири-комисијата во состав проф. Димитар Пандев, проф. Кристина Николоска и Славе Ѓорго Димоски издвоила три во потесна конкуренција и тоа наградениот, како и расказите на авторите под шифра „Африка’’ и „1317“. Сепак, комисијата решила единствената награда во износ од 30 илјади денари да ја додели токму на „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“.

– Расказот „Пад на системот или Како балканските народи сфатија дека Бог можеби и не постои“ се издвојува од другите по својата инвентивност, по успешното и издржано водење на нарацијата со која ја поттикнува фантазијата на читателот, со откривањето нови теми со кои се актуализираат дилемите на современиот начин на живеење, изјави Ѓорго Димоски на денешната прес-конференција.

Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на културната манифестацијата „Вечери на Живко Чинго“, што секоја година традиционално се одржува на роденденот на нашиот познат прозаист и драмски писател – 13 август, во охридското село Велгошти, родното место на Чинго.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *