Климе Попоски на Меѓународна конференција за ризици и осугурување

Претседателот на Агенцијата за супервизија на осигурување Климе Попоски учествуваше на форум во Сеул, организиран од меѓународната научна организација Асоцијација за ризик и осигурување на Азија и Пацифик и во коорганизација на Меѓународното здружение на осигурување,  на тема „Одржлив развој во општество на ризици“.

Како што соопшти Агенцијата, Попоски на пленарна сесија заедно со професори, експерти и креатори на политики во осигурителната сфера, дебатираше за регулативата за глобални капитални стандарди.

Попоски, како што се наведува во соопштението, посочи дека нашата земја го држи чекорот во имплементација на меѓународните стандарди за капитални барања и дека во периодот што следува ќе се работи на хармонизирање и имплементација на европската директива Солвентност 2.

– Друштвата за осигурување во македонскиот осигурителен сектор имаат високо ниво на капитал и тоа во просек четири пати над законскиот минимум согласно со актуелната регулатива. Ова се должи на посветеноста на регулаторот во целосно спроведување своите законски надлежности, посочил Попоски.

Според него, еден од најголемите предизвици на домашната осигурителна индустрија ќе претставува хармонизирање и имплементација на директивата Солвентност 2, која на меѓународна сцена се смета за најнапредна регулаторна рамка.

Оваа меѓународна конференција претставува глобален форум на најважните осигурителни чинители: регулатори и супервизори, осигурителни компании, здруженија и асоцијации на осигурители и научни работници. Учесниците дебатираат за тоа како теоријата и праксата да овозможат висока заштита на осигурениците во услови на постоење на се позачестени ризици со се посилно негативно влијание.