Стари објекти, покриви што прокиснуваат, искршени прозорци и врати, ретко кој би помислил дека во такви простории се водат личните податоци на граѓаните на државата. А таква е сликата во голем број од вкупно 239-те месни канцеларии во кои се водат матичните книги на родени, венчани и починати.
Најкритична е состојбата во месните канцеларии кои се под подрачната единица во Гостивар.
– Станува збор за објекти кои се премногу стари, не се одржувани, не се никогаш реновирани. Во зимскиот период матичарите се греат со огревно дрво, што, пак, предизвикува голем ризик за да дојде до несакани последици, односно да избие пожар. Во некои месни канцеларии покривите се делумно разурнати и при големо врнење на дожд или снег доаѓа до пролевање на вода во објектот, вели Тони Милошевски од Синдикатот на Управата за водење на матичните книги (УВМК), кој додава дека има многу такви канцеларии, кои изгледаат како штали.
Сликата не е ништо поразлична и во месната канцеларија во струшко Лабуништа, како и во прилепско Витолиште.
Од подрачната канцеларија во Прилеп имаат испратено и барање до Управата за водење на матичните книги за делумна санација на зградата.
– Има некои канцеларии кои самите се организираат за да ги подобрат условите за работа. Се случува матичари да бараат донации од приватни лица и фирми да помогнат во реновирање на просториите во кои работаат со цел да може да функционираат без отежнување на работата, објаснува Милошевски.
Ваквите проблеми, според Милошевски, почнале кога од 1 јануари 2010 година, Управата за водење на матичните книги се одделува од МВР.
– Управата за водење на матичните книги, како државна институција е одделена од Министерството за внатрешни работи во 2010 година, со што, според мене, е направена голема грешка. Со самото одвојување, Управата е префрлена од објектите на МВР во други несоодветни објекти, без никаква безбедност на вработените и на документите кои се под нејзина надлежност. Јас мислам дека проблемот со безбедноста на вработените и документите на сите граѓани би бил надминат ако се вратиме под МВР, смета претседателот на Синдикатот на УВМК.
Управата за водење на матичните книги работи преку своите осум подрачни одделенија, 26 подрачни канцеларии и 239 месни канцеларии во руралните населени места.