Колефски и официјално ја презеде функцијата градоначалник на Пустец

Новоизбраниот градоначалник на општина Пустец, Мала Преспа, Пали Колефски, денеска и официјално го започна четиригодишниот мандат.

Уверението за неговиот избор му го предаде Дори Спиролари, префект на околијата Корча.

-Најпрво сакам да упатам благодарност до жителите на општина Пустец кои ми ја дадоа довербата, но сакам да нагласам дека новата функција за мене значи обврска кон сите жители, независно дали го дале или не гласот за мене. Максимално ќе се ангажирам заедно со моите соработници, во правец на подобрување на условите за живот, економски развој, намалување на невработеноста, со еден збор целиот мој капацитет ќе го вложам за доброто на општината и граѓаните. Тоа секако во координација и со помош и поддршка од Владата на премиерот Еди Рама, рече меѓу другото Колефски на овој свечен чин.

На свеченоста одржана во општината, присуствуваше и неговиот претходник Едмонд Темелко,кој општината ја предводеше три мандати. Тој му посака успешна работа,продолжување на веќе започнатите и реализација на нови проекти кои се во интерес на жителите на ова општина.

Колефски беше кандидат на Социјалистичката партија, која ја предводеше изборната коалиција Алијасата за европска Албанија. На изборите спроведени на 30 јуни освои 1.505 или 66,84 отсто од гласовите или 646 гласови повеќе од неговиот против кандидат Едмонд Темелко, од Македонска алијанса за европска интеграција.

Триесетидеветгодишниот Колефски родум е од Пустец а живее во Корча, оженет, татко на две деца. Тој е дипломиран економист и беше вработен во Царинската испостава во Корча.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *