Создадени се првите конкретни услови, преку обезбедување финансиски средства, за изградбата на новиот Универзитетски клинички центар во скопската општина Ѓорче Петров. Ова е една од одлуките донесени на денешната 148-ма седница на Владата на Република Северна Македонија, соопшти владината прес-служба.
Владата на Република Северна Македонија ја усвои Информацијата за начинот на финансирањето на изградбата на Универзитетски клинички центар на гринфилд локација во Скопје, како и Информацијата за започнување на реализацијата на новиот Универзитетски Клинички центар.
Задолжено е Министерството за финансии, во соработка со Министерството за здравство да отпочне преговори со конзорциумот на банки Erste group, Raifaisen bank и UniCredit за заем обезбеден со гаранција од ECA. На седницата е констатирано дека е завршена фазата на утврдување најповолна понуда на кредит, а тоа што станува збор за познати светски банки, само ја потврдува довербата на странските кредитори кон нашата држава.
На седницата е задолжено Министерството за здравство, како договорен орган, да ја спроведе постапката за јавната набавка за изградба. За потребите и реализација на новиот Универзитетски Клинички центар, Владата донесе одлука, со оглед дека во изведбата обврски имаат и други министерства и институции, да даде рок од 30 дена, во коишто тие ќе ја разгледаат можноста за придонес во реализацијата и повратно ќе ја известат Владата.
На владината седница е констатирано, дека доколку сите процедури се одвиваат според предвидената динамика, може да се очекува во текот на зимата да биде поставен камен-темелникот на новиот Универзитетски клинички центар во Скопје, што треба да гарантира високо квалитетни здравствени услуги за населението во целата држава, стои во соопштението.