Континуирани реформи за професионална и ефикасна државна админситрација

Советот за реформа во јавната администрација (РЈА), со кој претседаваше премиерот Зоран Заев, вчера попладне ја одржа шестата седница, на која министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски ги информираше за напредокот во подготвувањето на законите за измени и дополнувања на Законот за вработени во јавниот сектор, на Законот за административни службеници и Предлог – законот за висока раководна служба.

Како што денеска информираше владината прес-служба, министерот Манчевски информирал и за статусот и следните чекори на процесот на реорганизација и оптимизација на органите на државната управа, агенции и инспекциски служби од централна власт, како една од клучните реформи во јавната администрација.

На седницата членовите на Советот дискутирале и за сите предложени измени и дополнувања на одделните закони, со поддршка за обезбедување на функционална и професионална администрација, како и функционално работење на институциите и органите на државната управа.

Воедно, во рамки на шестата седница, членовите на Советот расправале за процесот на подготовка на вториот полугодишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на јавната администрација, како и за зајакнување на системот.