На подрачјето на Крушево во првите шест месеци од 2019 година има намалување на прекршоците на јавниот ред и мир за 33 отсто, а позитивна е состојбата и во другите области. Воопшто, во првите шест месеци од годинава, на територијата на Секторот за внатрешни работи од Битола се намалува бројот на извршени кривични дела, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.
Како што информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој беше во посета на Крушево и крушевската полициска станица, безбедносната состојба во Крушево е мирна и стабилна.
– Има подобрување во секој поглед: има намалување на криминалитетот, за 33 насто се намалени прекршоците во однос на јавниот ред и мир, а повеќекратно е зголемена ефикасноста на работењето на полицијата, рече Спасовски.
Според податоците од МВР, на целата териотрија на СВР Битола во првото полугодие од годинава продолжува трендот на намалување на бројот на извршени кривични дела и зголемувањето на ефикасноста во расветлувањето на кривичните дела како и во претходната 2018 година, со уште подобри резултати.
Во делот на недозволена трговија со дрога и оружје во првото полугодие е зголемена ефикасноста и се откриени 62 сторители на кривични дела, а тоа е 44 отсто повеќе во однос на истиот период лани. При тоа се поднесени 51 кривична пријава што е за 38 отсто повеќе од истиот период минатата, 2018 година.
Што се однесува до јавниот ред и мир, во текот на првото полугодие годинава, на подрачјето на СВР Битола се евидентирани 16 отсто помалку случаи на прекршување во споредба со истиот период лани. На подрачјето на СВР Битола во ова полугодие од годинава, се евидентирани за 5 отсто помалку сообраќајни незгоди со потешки последици во првото полугодие на 2019 година во однос на истиот период лани, а полмал е бројот, за 40 насто загинати лица при сообраќајните незгоди или како последица од нив, соопштуваат од МВР.
МВР продолжува да работи со тенденција и овие бројки дополнително да се подобрат, односно граѓаните да се чувствуваат уште побезбедно.