Македонската ракометна репрезентација, која се наоѓа на ЕП во Хрватска, полека станува хит на првенството. По неизвесната и напната борба во првото коло против Словенија и победата од 25-24, вчера ја победија и Црна Гора со 29-28 и веќе се пласираа во вторатав фаза од натпреварувањето.
Натпреварот против Црна Гора беше исто така неизвесен, но не до толку колку оној против словенците. Не дека немаше драматика, туку таа изостана на крајот, кога во последната минута влеговме со 2 гола предност, така што Црна Гора можеше и да постигне гол, ние да ја задржиме топката до крај и да ја славиме победата, што и се случи.
Не би барале јунак на оваа средба. Едноставно тоа беа сите оние кои се најдоа во салата, кои играа и ја бодреа нашата селекција, но сепак би го издвоиле Филип Кузмановски, кој со 21 година имаше доволно храброст и дрскост да прави акции, пробиви и да постигнува голови во се чини оние моменти кога се “кршеше” победникот и резултатот.
Македонија сега со 4 бода е прва на табелата, веќе се пласираше во втората фаза во која пренесува 2 бода. Би било убаво кога во утрешниот меч би ја совладала и Германија и би пренела 4 бода, но останува да видиме што ќе се случи.